Jaguar Land Rover ќе го запре производството
Објавено на 1 октомври 2019 година
Како превентивна мерка, фабриките на Jaguar Land Rover ќе паузираат една недела на почетокот на ноември за да се ублажат евентуалните штетни влијанија од Брегзит доколку излегувањето на Велика Британија од Европската Унија се случи без договор. Непријатната вест на работниците лично им ја соопшти главниот извршен директор на компанијата Ралф Шпет, кој рече дека стопирањето на производството е неопходно. „Не можеме само да размислуваме за тоа, туку мора да го сториме. Ни требаат 20 милиони делови секој ден кои мораме да ги имаме на располагање навреме, а тоа создава обврски кон добавувачите“. Производството ќе паузира во сите четири фабрики на компанијата, од кои излегуваат скоро третина од возилата кои се произведуваат во Велика Британија. Слични најави има и од Toyota и Mini.


