Jaguar инвестира милијарди во електричните модели
Британскиот премиум производител ќе инвестира 13,5 милијарди фунти во електричните возила во наредните три години
Објавено на 29 јуни 2018 година
Интензивниот старт на првото електрично возило од својата гама го охрабри Jaguar – компанијата ќе инвестира дури 13,5 милијарди фунти во развојот на електричните модели. Со тоа е пратена порака дека производителот дефинитивно го врти грбот на дизелите. Почетокот на електрификацијата е одбележан со i-Pace, чии први примероци наскоро ќе бидат доставени на купувачите по навистина солена цена – 114 илјади евра. Дури и основната верзија чини 80 илјади евра. Сепак тоа не беше пречка компанијата Waymo која е во сопственост на Google за својата автономна програма да нарача дури 20.000 примероци од него. Ние веќе го возевме, а впечатоците од тоа ќе можете да ги слушнете во најновата премиера на Авто Магазин – утре во 13 часот на Телма и во недела во 14:45 на ТВ Алсат-М.
Споменатите средства ќе бидат потрошени во наредните три години. Не е наведено за кои модели, но се знае дека во плановите е секое возило во иднина да биде понудено во три верзии – со погон на фосилни горива, електрично и хибридно, како и дека сите капацитети ќе бидат прилагодени за нивно производство. Сепак проблем е што 87% од сегашната продажба во Европа отпаѓа токму на моделите со дизел агрегати. Во првиот квартал годинава Jaguar не успеа да ја достигне планираната продажба, заради што се криват дизелите и нивната негативна конотација.