Ja возевме Opel Corsa-e » Електрична и достапна

Top News Возевме

Електрична и достапна

Првиот електричен комерцијален модел на Opel покажува дека дури и електричните автомобили може да бидат атрактивни и достапни. Corsa-e, со мали технички измени во однос на класичната, донесува пристап преку кого перцепцијата за електричните автомобили со батерија драстично ќе се смени

Објавено на 16 март 2020 година
автор: Крумислав Барзов

Фабриката на Opel во Сарагоза неодамна ги прошири своите капацитети. Покрај Corsa, која е носител на титулата Best buy car of Europe 2020 на најголемото независно жири во Европа Autobest, монтажната лента ја напушта и нејзината електрична верзија. На прв поглед идентични, но близнаците ги раздвојуваат мноштво технички елементи. Пред сéмеѓуоскиното растојание е растегнато за 7 mm а подвозјето е конструирано да ја издржи дополнителната тежина на батериите. Нивниот капацитет од 50 kWh го сочинуваат 216 ќелии групирани во 18 идентични модули што заедно тежи 345 килограми. Opel потенцира дека батериире се прават во капацитетите на групацијата РЅА доволни да ги задоволат сегашните потреби а новата фабрика во Кајзерслаутерн ќе биде потполно оперативна во 2024 година и ќе има капацитет да за покрие 500.000 електрични возила годишно. Од овие податоци повеќе од јасно е со колкава сериозност се полага на електрификацијата во редовите на „громот од Руселсхајм“ и во групацијата РЅА.

Со големо внимание се направени спецификациите и опременоста на електричната Corsa. Тоа е поради фактот што за електричните автомобили се заинтересирани луѓе со повисок животен стандард и со префинет вкус. Затоа опременоста ги содржи удобствата во ентериерот како што се кожени седишта со загревање, два големи дисплеи, еден пред возачот и еден на централната конзола, три различни модуси на возење како и преку апликација контролирано греење и ладење на кабината. Последното остварување е дел од „умните“ решенија чија задача е да им го олеснат животот на корисниците. Преку него се активира клима уредот половина час пред однапред закажаниот распоред на возење зададен од сопственикот на возилото и ја овозможува бараната температура на кабината, а во зимските месеци, покрај греењето се одмрзнуваат и стаклата.

Еден од најголемите прашања за електричните возила, особено во земјите како што е нашата се можностите за полнење. Тој процес е поедноставен за оние кои имаат сопствена гаража каде може да се вгради полнач со адекватна јачина. Со електричната Corsa стандардно доаѓа адаптер кој овозможува полнење од стандардната наизменична струјна мрежа чиј капацитет е да ги наполни батериите за еден час да го погонат возилото 10 километри. Оваа не е доволно за повеќето корисници па за доплата од 720 евра (во Германија) се купува универзален полнач кој содржи три приклучници способни за еден час да ги наполнат батериите за поминување на 60 километри. Вреди да се спомене дека на брзите полначи од 100 kW Corsa-e ги полни батериите до капацитет од 80% за 30 минути а полниот капацитет се постигнува за два часа што е доволно да се поминат 337 километри (WLTP). Електричната Corsa, исто како нејзиниот близнак Peugeot 208е, е скроена за луѓе кои просечно дневно поминуваат 50 километри. Толку околу неопходните технички податоци. Сепак во Берлин се упатив за да ги доживеам практичните возни својства на првенецот на Opel.

Од надвор, иако има нешто поголема должина и меѓуоскино растојание, Corsa-е изгледа идентично како нејзините верзии со мотори со внатрешно согорување. Кога ќе се влезе во внатрешноста воочлива е просторноста но и пластичните површини кои делуваат грубо. Најголемите површини се прекриени со гумирана пластика, но вратите и централната конзола се со тврда пластика. На тој пристап љубителите на електрични возила се навикнати а универзалното алиби на производителите е екологијата и едноставноста за рециклирање. Како и да е, позитивниот амбиент не е нарушен. Впечатокот го подобруваат со кожа пресвлечените седишта и ентериерот исполнет со висока технологија. Со притискањето на копчето за старт се будат сите системи. Пред возачот е мултифункционалниот дисплеј на кого може да се избере приказот. На него се испишуваат сите важни параметри за возилото од основните информации за брзината на движењето до преостанатата автономија, модусот на возење итн. Движењето е скоро безшумно каде тишината ја нарушуваат само звукот на пневматиците и при поголеми брзини ветерот кој се удира во ретровизорите.

Извонредната агилност е типична за електричните возила. Електричната Corsa е одличен спринтер. Таа забрзува од стоечка позиција до 50 km/h за 2,8 секунди што е сосема доволно во градски циклус на возење да предизвикате било кој автомобил. На избор на возачот се три модуси на возење кои го менуваат карактерот на возилото. Во Ѕport најизразени се силата каде на располагање се сите 136 KS и 260 Nm, но и потрошувачката на струја, реакцијата на управувачкиот систем и педалата за забрзување се „спортски“. Во Normal се крати испораката на максималната сила и вртежниот момент (105 KS/ 220 Nm) во име на секојдневното користење и практичноста. За оние возачи кои сакаат што подолго време да издржат без полнење на батериите препорачан е модусот Есо (80 KS/180 Nm) кој ја претвора Corsa во штедач на струја и нешто поагилна од пајтон. Ако јас се прашувам, еколошката програма на работа би го користел само кога морам.

Берлин е град кој во последните три децении претрпе големи измени во инфраструктурата. Без прекин се надградуваат и прошируваат сообраќајните капацитети, па сосема нормално е да налетате на области на кои се одвиваат градежни работи, особено во источниот дел од градот. Разбирливо е дека не може да се лудува по улиците, арно ама, како возач добив нешто што е и повеќе од потребно во услови на пренатрупаност на сообраќајот, а тоа е извонредната агилност и маневрабилност. Меѓузабрзувањата се фантастични, управливоста само како може да се посака додека компактните димензии се вистинска мерка во градскиот сообраќај. Употребливоста на електронските безбедносни помагала се одлични а точноста на навигацискиот систем возењето во град не само што го направи безгрижно, туку искуството на возачот е забавно. Во ниту еден момент не почувствував стрес иако градскиот метеж беше на високо ниво.

Дел од маршрутата водеше низ гратскиот автопат каде се движат многу возила. Тука електричната Corsa повторно ја покажа својата зрелост. Без никаков проблем го држење темпото на движење, забрзувањата беа на ниво на потребата, управувањето прецизно. Накратко, возачот може да ужива во амбиентот на висока технологија и во околните звуци кои не се потполни без бучавоста на моторот. Припадниците на „старата школа“ секогаш ќе го бараат звукот на цилиндрите, но нема да имаат аргументи за возните својства. Иако е електрична, Corsa има перформанси како GTi изведба! Забрзувањата се молневити, опременоста е извонредна, изгледа атрактивно… Кога на тоа ќе се додадат 8-годишната гаранција на батериите или 180.000 изминати километри, Corsa-е станува логичен избор не само за екологистите туку и за купувачите кои се практични. Употребната вредност и се зголемува бидејќи батериите може да се полнат и на супербрзи полначи од 100 kW каде за 30 минути се потполнува 80% од нивниот капацитет.

Сепак, убавите впечатоци ги расипува традиционално високата цена. Електричната Corsa чини 29.990 евра што е висока цена за возило од Б-сегментот без оглед колку и како е опремено! Тука доаѓа на сцена државата. Владата на Германија за секое електрично возило кое не ја поминува цената од 40.000 евра го субвенционира со 6.500 евра. И тука доаѓаме до една интересна ситуација која фрла сосема поинакво светло на целата ситуација, особено за жителите на Германија која има одлична инфраструктура за електричните возила, па нивната употреба не би ги мачела нивните сопственици како еден корисник на електрично возило на Балканот, на пример. Со финална цена од 23.490 евра, електричната Corsa чини малку повеќе од најмоќната и најбогатата верзија со мотор на внатрешно согорување. Земајќи ги во предвид возните својства, изгледот, опременоста и умните решенија достапни само за електричната верзија, две илјади евра би биле мала жртва која се поднесува пред олтарот на екологијата. Доколку ги ставите на кантар поволните финансирања и амортизациони планови на електричната Corsa, доаѓаме до фрапантен податок дека месечно ќе ве чини само 18 евра повеќе од најмоќната верзија со мотор на внатрешно согорување! Сепак оваа математика важи само во Германија. Кај нас… Ај да поминат Covid-19 и изборите, па ќе правиме муабет.

Тестот на Corsa-e ќе можете да го видите во редовниот термин на Авто Магазин во сабота во 12:15 на Телма и во 17:15 на Алсат-М

клучни зборови: ,