Интервју – Вејн Грифитс

AutoBest насловна

Сакаме да бидеме уникатни!

Ексклузивно за АутоБест жирито претседателот на SEAT и Cupra одговараше на прашањата за двете марки. Дан Варди, основачот и претседавачот на АутоБест, беше модератор на оваа интернет сесија која се пренесуваше од куќата на двата бренда во Барселона.

објавено 31. мај 2021

Дан Варди: Здраво на сите! Јас сум тука покрај Вејн Грифитс. Нé има од цела Европа, од Шведска до Италија, од Шпанија до Украина, од сите земји – Австрија, Турција, Луксембург, Велика Британија, Грција, Чешка, Македонија, Кипар, Германија, Русија, Унгарија…

Важно е да се каже дека Вејн е креатор на Cupra, основач на Cupra. Затоа и ќе зборуваме за тоа. Денес ќе дискутираме доста за Seat и Cupra. Има интересни искуства, ќе зборуваме подоцна за Cupra животниот стил, но јас ќе запрам сега и Вејн, те молам, кажи ни повеќе за Seat и Cupra.

Вејн Грифитс: Ти благодарам Дан што си тука во куќата на Seat во срцето на Барселона, во овој фантастичен град што ни дава оптимизам, град каде што сонцето свети скоро секој ден. Куќата на Seat е дом на нашата компанија, дом на нашите брендови. Им благодарам и на членовите на AutoBest жирито, ви благодарам што гласавте за Seat Leon за Best Buy Car, што е нешто за што ние имавме голема прослава и сме многу горди. Мислам дека двата бренда се доста добро дефинирани и имаат јасни цели, секој за себе. Ќе започнам прво со Seat. Тој ме мотивираше да се вратам во Барселона пред пет години, да придонесам Seat да стане успешен бренд, заедно со Лука де Мео. Тогаш започнавме да го преобразуваме брендот, само што ја лансиравме Ateca, нашиот прв SUV и мислам дека навистина ги одбележавме промените во историјата.

ДВ: Всушност таа беше победник на AutoBest, прв голем успех на Seat во 70 години.

ВГ: Ateca беше преломна точка на брендот. Така стартувавме со SUV моделите, Ateca, Arona, Tarraco… Започнавме навистина да го движиме Seat во поглед на продажбата. Станавме најброзрастечки бренд во Европа, три или четири години по ред и ги отстранивме сите дилеми во Volkswagen групата дали навистина на групата ѝ треба бренд како Seat. Го покажавме тоа донесувајќи нови купувачи на Volkswagen групата, купувачи помлади во просек за десет години. Освоивме поголем дел од купувачите надвор од групата, преку 50 отсто од нашите купувачи дојдоа надвор од Volkswagen групата и мислам дека му дадовме на Seat јасна позиција за разлика од порано како поевтина верзија на Volkswagen. Со нашите активности во последните пет години во поглед на дизајнот ние докажавме дека Seat е жесток бренд од Барселона, не затоа што е евтина верзија на Volkswagen туку што е нешто поинакво! Благодарам уште еднаш што го препознавте Leon, ние инвестиравме една милијарда евра во тој автомобил и мислам дека е најдобриот Leon досега направен. Ја воведуваме хибридната технологија во гамата на Seat со Leon и Tarraco. Мислам дека е многу битно да го електрифицираме Seat за да биде подготвен за иднината. Гледајќи го сега, мислам дека ќе се врати како најбрзорастечки бренд во Европа. Водечки сме на пазарот во Шпанија, имаме 4 проценти пазарно учество во Германија, што е одлично. Seat е силен бренд во Германија. Во Австрија сме трет најдобро продаван бренд. Си рековме добро, ајде да направиме чекор напред и да го донесеме овој бренд на сопствено ниво каде ќе се истакнува. Така пред само три години ја донесовме одлуката за креирање нов самостоен бренд, со ново сопствено лого. Ги претставивме нашите амбиции, претставивме што сакаме да направиме. Во време кога во индустријата многу брендови исчезнуваа, ние направивме нов! И тоа среде промената на моторите со внатрешно согорување со електромотори. Од Cupra продадовме преку 70.000 возила. Минатата година во затворената Европа Cupra беше единствен бренд со силен двоцифрен пораст! Затоа и сме доста мотивирани и оптимисти годинава во врска со Cupra.

ДВ: Дали Born и Tavascan ќе бидат 100 проценти Cupra и само Cupra, нема де се мешаат со Seat?

ВГ: Нема да се мешаат, ние одлучивме во догледлива иднина Seat да се концентрира на достапни модели за поширок круг купувачи. Исто и со електричните и плаг-ин хибридните модели, но не и првиот наш електричен модел, бидејќи не можеме сé да електрифицираме. Гледајќи нанапред, приказната за Cupra ќе продолжи. Наредниот модел ќе биде електричен, Cupra Born, именуван според соседството, токму тука во нашата близина, доста боемско соседство со доста барови. Тоа го инспирираше името на автомобилот кој ќе го покажеме на новинарите во септември-октомври. Тоа ќе биде голем чекор нанапред, но електрификацијата нема да запре со Born. Ние во Cupra сме верници. Веруваме дека големите соништа започнуваат со малку верници и ако верувате во нешто, тогаш колку и да се големи соништата, тие во еден момент ќе се исполнат. Во нив е и Cupra Tavascan кој ние го покажавме на салонот на автомобилите во Франкфурт и како што објавивме на нашата годишна прес-конференција, тоа е автомобил од соништата на Cupra. Тој сон ќе се оствари и Tavascan ќе се појави на пазарот некаде во 2025 година. Малку доцна, но сега го имаме Born кој ќе биде базиран на MEB платформата на Volkswagen групата. Мислам дека во гамата што ја имаме Tavascan ќе биде одличен знаменосец.

ДВ: Пред да продолжиме понатаму бидејќи сум сигурен дека сите сакаат да разберат, кажавте дека Seat ќе биде инволвиран во конструирањето и производството на мал електричен автомобил но за Volkswagen групата. Дали тоа значи дека сето што ќе го сработите тука ќе биде за Volkswagen групата, стартувајќи со модел на Seat и потоа проширено на другите брендови?

ВГ: Така е…

ДВ: Вие ќе имате улога на главни дизајнери?

ВГ: Не, секој бренд ќе си има свој дизајн.

ДВ: Не, мислам на целата технологија…

ВГ: Платформата ќе дојде од групата, така е секогаш. Сите платформи доаѓаат од групата. Ние ќе го предводиме развојот бидејќи автомобилите ќе се произведуваат во Марторел и на шпанскиот полуостров. Сето ова зависи од тоа да се добие поддршка од шпанската влада. Заедно со шпанската влада ќе се побараат средства од европските фондови за закрепнување, како дел од трансформацијата на земјата. Поддршката на овој вреден проект е во насока на креирање нови вработувања во земјата каде стапката на млади невработени е 40 отсто! Ние со малиот електричен автомобил ќе креираме нови работни места за наредните генерации. И не само тоа, сето ова ќе придонесе да се има 60 отсто електрични автомобили на улиците до 2030 година. За тоа треба прифатлив електричен автомобил за широките маси кој ќе ја демократизира електричната мобилност. Тоа е тоа што малиот електричен автомобил ќе го направи за Volkswagen групата и нејзините брендови.

ДВ: Дали веќе имате одлучено кога овој проект ќе заживее – 2023, 24, 25…

ВГ: Идејата е во 2025-тата ние да бидеме подготвени. Сметаме дека тогаш електричниот пазар ќе порасне до ниво на кое автомобил како овој би бил исплатлив бидејќи зборуваме за автомобил со големина колку денешната Seat Arona, за автомобил во А0 сегментот каде се Ibiza, Polo, Fabia, Kamiq, за автомобил со таква големина. Автономијата би била околу 400 километри, по прифатлива цена во зависност од кој бренд на групата ќе доаѓа.

ДВ: Во случајот на Seat што значи тоа прифатлива цена?

ВГ: Треба да зборуваме за 20 до 25 илјади евра за основниот модел, но јасно е дека гамата на моделот на Volkswagen ќе биде пораширена. Ја имаме и Cupra како бренд, тоа е можност за Cupra градски електричен автомобил. Засега сé уште не е потребно да се каже кој бренд по кој редослед ќе го има.

ДВ: Се извинувам што ве прекинувам, но споменавте производство на батерии.

ВГ: Да. За батериите Volkswagen има стратегија на ниво на групата да се воспостават шест фабрики за батерии низ Европа кои би биле неопходни за волуменот на пазарот. Во моментот водиме разговори со партнерите каде би биле тие фабрики и има многу шпекулации, многу желби. Очигледно е, од наша гледна точка како шпански бренд, би сакале Шпанија да има фабрика за батерии, а тоа има многу смисла. Но овие одлуки допрва треба да се донесат, на крајот треба да се види каде е најконкурентно тие да бидат.

ДВ: Тоа е прашањето – кога ова ќе стане реалност?

ВГ: Мислам дека одлуката ќе биде донесена во текот на годинава, што е идеално имајќи предвид дека треба да бидеме сигурни за расположливите количини кога ќе започнеме да ги произведуваме автомобилите. Сакам да ја истакнам разликата бидејќи многу луѓе ги мешаат фабриките за производство на батериски ќелии и фабриките за производство на батерии. Многу е важно да се има пристап до литиум во големи количини, што ќе има влијание врз одлуката каде фабриката ќе биде. Треба да бидам јасен, за нас од гледна точка на производител, фабрика за производство на батерии треба да биде дел од производствениот процес. Таа треба да биде блиску до нашата главна фабрика во Марторел која со нашата друга фабрика во Барселона е поврзана со железница. Имаме уште една фабрика во Прат каде сега се произведуваат мануелни менувачи кои во иднина ќе требаат сé помалку и помалку бидејќи, нели, електричните возила немаат класичен менувач.

ДВ: А сега да се вратиме малку бидејќи знам дека сакате да ни кажете нешто повеќе за Seat.

ВГ: Seat е млад бренд кој во поглед на мобилноста нуди различни решенија за наредните генерации купувачи. Знаеме дека тие нема неопходно да купат автомобил, односно дека ќе користат автомобил. Така, Seat Mo е креирана како компанија за мобилност која ќе нуди индивидуални решенија за младите луѓе по доста атрактивни цени. Стартувавме со електричниот тротинет, а сега имаме електричен скутер во класата 125 кој е доста успешен. Но нив не ги само продаваме, туку ги нудиме и за заедничко користење. Можете да ги видите тука во Барселона, скоро на секое ќоше. Така, ако се претплатите, ако сте регистрирани во системот, можете да земете Seat Mo за само неколку евра по патување. Нудиме исто така и месечна претплата која мислам дека во моментов е под 50 евра. Семејствата пак можат да се претплатат на Seat Mo 125 скутерот за 150 евра, во што се вклучени услугата, одржувањето и осигурување, вклучено е сé. Значи цело семејство плаќа по помалку од 40 евра неделно што е одлична алтернатива на јавниот превоз и одлична понуда за мобилност. Така, Seat Mo е млада старт-ап компанија која патем кажано е сместена тука, во куќата на Seat, што мислам е одлично бидејќи можете да видите какви алтернативи за транспорт му се потребни на град како Барселона. Seat Mo е уште еден возбудлив проект.

ДВ: Добро, колеги мои, како што ги знаете правилата, ќе ја продолжиме дискусијата за она што сакате, со вашите прашања, но сепак во моментов јас ќе продолжам со Вејн. Само што ги објавивте резултатите од работењето за Seat и Cupra. Каква е сликата, мислам за финансиските резултати.

ВГ: Во минатата година сите ние бевме погодени од пандемијата која тука удри силно. Шпанија се затвори во март, април, пазарот пропадна а нашата продажба беше во линија со тоа – се намали за 20, 25 отсто. Cupra продолжи да расте, а Seat беше општо погоден како и пазарот. Продажните салони во Шпанија и Германија, кои се двата најголеми пазари за Seat, се затворија на скоро цела година заради рестрикциите. Сега тие повторно се отворени, имаме голема побарувачка за производите на Seat, уште поголема за Cupra, посебно за Formentor. Јас сум уверен дека дека од вториот квартал и секако во втората половина од годината ќе забележиме пораст на побарувачката низ Европа. Во исто време тој пораст ќе биде и предизвик за производството заради недостатокот на чипови.

 

ДВ: Тоа е битно. А што мислите за кризата со челик за која се чини дека ќе дојде до автомобилската индустрија? Дали тоа навистина ќе биде проблем, голем проблем за индустријата? Што мислите?

ВГ: Не знам, мислам допрва ќе видиме. Челикот е голем дел од автомобилите, но исто така има и многу други материјали. Во овој момент во различни индустрии постои недостиг на различни нешта, а цените на некои суровини се зголемуваат доста брзо, како на родиумот. Ќе видиме колку тоа ќе се одрази, ама јас сум уверен дека во втората половина од годината ситуацијата ќе се врати на разумно ниво. Но дали како пред ковид, тоа е дискутабилно.

ДВ: Вејн, ја градите Cupra која евентуално ќе доведе еден ден Seat да исчезне. Ве молам потврдете ми јасно која е реалноста за наредните 10, 20 или колку и да е години…

ВГ: Само што инвестиравме милијарда евра во новиот Leon кого го изгласавте за Best Buy Car во Европа. Очигледно сé уште се обложуваме на Seat кој се покажа како најбрзорастечки бренд во Европа. Колку за десет години ќе влијае оваа радикална промена во автомобилската индустрија, кои брендови во која насока ќе одат и колку брзо ќе оди електрификацијата на автомобилите, ќе видиме. Но ќе видиме дека Cupra ќе станува посилна во нашата гама како што ќе поминува времето, како што гледаме со Formentor. Но мислам дека она што е добро за Cupra е добро и за Seat и обратно. И мислам дека со Seat докажуваме дека можеби во идниот свет каде помладата популација не сака да има сопствен автомобил но сака да имаат своја мобилност, Seat ќе може да го исполни тоа правејќи ја мобилноста расположлива за наредната генерација, како што Seat Mo прави. Гледам убава иднина за двата бренда.

ДВ: Одите во Австралија…

ВГ: Да, одиме и во Австралија, тоа е еден од првите чекори кои ќе ги направиме. Cupra ни дозволува да одиме надвор од Европа. Seat е многу фокусиран на Европа и не може да оди надвор од неа бидејќи нема ценовни премиум производи а со Cupra ја гледаме можноста да одиме поглобално. Веќе започнавме во Јужна Америка, во Колумбија и Чиле, бев таму минатата и предминатата година. Мексико само што го споменав, сега одиме во Австралија.

ДВ: А понатаму?

ВГ: Понатаму, светот е многу голем. На Пацификот, во Јапонија, Кореја, но најголемите пазари на кои треба да гледаме подоцна се САД и Кина. Ако сакате да бидете глобален бренд мора да бидете присутни таму. Но, да се вратиме назад на твоето прашање. Ние не правиме само автомобили туку правиме и мода, па имаме патики, кожени јакни, очила за сонце, го имаме она што го виде денес – Cupra дизајнирана јахта, фантастичен дизајн на De Antonio. Работиме и со компанија за осветлување од Барселона, соработуваме со многу производители кои се од Барселона за да дојдеме до работи кои се кул, понесени од дизајнот, кои се истакнуваат. Имаме сé повеќе и повеќе идеи.

ДВ: Не можеме сé да споделиме, имаме еден заеднички проект на кој работиме… Cupra не сака да биде еден вид на Louis Vuitton во автомобилската индустрија. Имајќи ја предвид оваа споредба, каков вид на бренд треба да биде Cupra? Каде сакате да одите?

ВГ: Не сакаме да ги копираме другите брендови. Сакаме да бидеме уникатни, не сакаме нашите автомобили да бидат како овој или оној. Сакаме да стоиме зад нешто и да се разликуваме, сакаме да бидеме бренд на денешнината, не бренд со традиционални корени базирани на минатото. Многу брендови особено автомобилски, фантастични автомобилски брендови, ја добиваат вредноста од нивната историја и традиција. Ако Cupra е часовник, кој часовник би бил? Ако е модна марка, која модна марка би била? Знам што не би била, не сакаме класичен премиум, нашето Cupra лого треба да покажува не тоа дека имам пари или сум богат или успеав, туку дека јас сум кул, имам добар вкус и ако го постигнеме тоа, да го направиме овој бренд, тоа ќе биде зошто луѓето го возат овој бренд.

ДВ: Добро, сега да одиме со прашањата. Мислам дека Окан Алтан од Турција беше прв.

Окан Алтан: Вчера имавме споредбен тест на новиот Golf и новиот Seat Leon. Leon излезе побрз од Golf, но сите различности доаѓаат од дизајнот. Иако сите карактеристики се еднакви, во дизајнот е подобар. А сега за Cupra. Не зборувам за квантитетот туку за квалитетот. Како ја гледате Cupra како конкурент на Audi?

ВГ: Јасно кажав дека не сакаме да бидеме класичен премиум бренд. Audi е во светот на најуспешните премиум брендови, ако не и најуспешен, за кој имав големо задоволство да работам повеќе од 30 години во мојата кариера. Затоа знам што е Audi и што значи Audi. Но Cupra е нешто сосема различно. Cupra е многу помлада, со ценовно ниво помеѓу големосерискиот и премиум сегментот. Ние целиме кон помладата генерација купувачи, оние кои се многу понесени од дизајнот, исти напредни купувачи, но како што можете да видите Cupra беше тестирана и наспроти некои премиум производители и помина многу добро, не само затоа што е атрактивен автомобил со атрактивна цена, туку и заради начинот на кој автомобилот се вози и дизајнот. Мислам дека имаме можност да се натпреваруваме над големосериските модели, но не сакаме да бидеме конкурент на премиум сегментот. Тоа не ни е целта.

ДВ: Добро, сега да одиме во Австрија кај Герхард Кунчик.

Герхард Кунчик: Објаснивте кон кои географски региони Cupra цели, но би сакал да знам каде ги гледате целите и ограничувањата во сегментите и моделската гама. Колку далеку може да оди Cupra?

ВГ: Мислам дека бидејќи сме сосема нов бренд стар само три години со ограничени средства, нашите најдобри изгледи се во кросовер и SUV сегментите за Formentor и таму гледаме најсилни изгледи кои би ни се исплатиле. Тоа се најбрзорастечките сегменти барем на европскиот пазар, а се предвидува и дека ќе растат во иднина. Затоа мислам дека компактниот кросовер сегмент е најдобар кон кој треба се стреми. Cupra нуди пристапни и кул автомобили за поголема публика, па затоа и мал градски автомобил е исто така добар за Cupra во рамките на одењето надолу кон автомобил помал од Born. Очигледно Tavascan е над Formentor. Тоа е границата на нашите очекувања во моментов. За неколку месеци ќе лансираме верзија со 390 KS на Cupra Formentor со пет цилиндри. Тоа е најдоброто нешто што сме го направиле досега. Тој автомобил ќе биде сензација, ќе ги изненади сите и ќе можете да го возите многу скоро. Мислам дека тест моделите се веќе направени и тестирањата ќе започнат преку летото или на крајот од него. Преминот кон електричната мобилност во класичната сегментација на автомобилите ќе промени многу нешта. Брендовите како Tesla покажаа дека не морате да се фиксирате кон одреден тип на каросерија туку кон она што може автомобилот да го понуди, со негова автономија, како ќе го користам тој автомобил, дали е кул… Затоа мислам дека има многу различни можности.

ДВ: Добро, да одиме сега во Шпанија. Хоан го имаш микрофонот.

Хоан Далмау: Cupra Formentor беше прогласена за автомобил на годината од Coches.net од страна на 165.000 луѓе кои гласаа. Првото прашање се однесува за А-сегментот, бидејќи го тестиравме лани Dacia Spring. Мислам дека не е подобар автомобил од електричниот Seat Mii, а цената им е повеќе или помалку иста. И Volkswagen се двоуми за овие автомобили иако нема да има градско електрично возило до 2025-тата. Мислам дека е пропуштена голема можност.

ВГ: Мислам дека нашата најголема можност е Cupra Born и тоа е вистинскиот автомобил на кој треба да се фокусираме во моментов во рамките на профитабилноста на брендот каде Cupra Born ни овозможува да имаме електрично возило и да бидеме профитабилни. Mii Electric и помалите електрични автомобили, како и сите први електрични возила, се добиени со електрификација на постоечките модели кои претходно биле со мотори со внатрешно согорување. Но автомобилите кои се конструирани и направени од старт да бидат електрични автомобили мислам дека нудат поголеми шанси да направите пари. Кај нив ќе има помалку компромиси. Мислам дека автомобил со MEB технологија е вистинскиот за пазарот и треба да се концентрираме на тоа.

ДВ: Благодарам Хоан, а сега одиме во Шведска. Хакан, повели!

Хакан Самуелсен: Интересно е, ќе се навратам неколку години наназад, секојпат кога ќе возев Seat со истата погонска група како на пример Golf, секогаш Seat ми беше позабавен и поагилен автомобил за возење отколку Volkswagen. Затоа моето прашање е како го постигнувате тоа? Второто прашање, во Франкфурт 2019-тата го видов Seat El Born во исто време кога Volkswagen го претстави ID.3. Според моето мислење El Born беше многу пофин автомобил, толку многу покул и всушност се надевав дека нешто ќе се случи многу порано, но вие го променивте од Seat во Cupra. Дали тоа е причината што доцни во производство?

ВГ: Прво, пред да преминам на споредбата помеѓу Volkswagen и Seat, Volkswagen не е наш конкурент. Нашите конкуренти се надвор од групата. Нашиот фокус е кон француските, корејските и јапонските брендови и мислам дека тоа успеавме да го направиме со Seat претходно. А како го постигнуваме тоа очигледно е, со ослонувањето, возната динамика, подесувањето. Имаме можност иако користиме заеднички компоненти, начинот на кој го правиме автомобилот ја прави разликата која за купувачите е голема. Мислам дека тоа ќе го видите исто така и кај Born. Кога ја донесовме одлуката да го лансираме како Cupra Born, решивме да биде Cupra. И работевме на тоа, не само на надворешниот туку и на внатрешниот дизајн за да биде Cupra според тоа како се чувствува, како се вози. А за тоа требаше време. Сметам дека заедно со плаг-ин хибридната линија, електричниот Born доаѓа во вистинското време. Електричниот пазар почнува сега да расте низ Европа и е најбрзорастечки сегмент заедно со плаг-ин хибридите и тоа ќе можеме да го предвидиме за иднина. Не мислам дека многу доцниме. Дали би сакал да бевме подготвени порано? Да, но мислам дека за добрите работи вреди да се чека. Ние во групата Volkswagen свесно правиме одлуки кој бренд која технологија ќе ја лансира прв. Јасно е дека Volkswagen е лидер и тој ја има улогата на лидер во лансирањето на технологиите, но ние доцниме само една година и мислам дека разликата во таа една година ќе можете да ја доживеете.

ДВ: Сега одиме кај Петрос од Кипар.

Петрос Суѕис: Имам прашање за електричниот автомобил што ќе го произведувате за Volkswagen. Дали тој автомобил ќе биде за сите брендови во групата или само за Volkswagen и Seat?

ВГ: Тоа е проект во кој во овој момент сите брендови се вклучени или барем анализираат дали мал градски електричен автомобил со големина од околу 4 метри е погоден за нив. Но секој бренд, посебно Audi, треба да си потврди дали ќе излезе со градско електрично возило. Очигледно Škoda сака, и ние планираме со еден од нашите брендови, барем со еден од нив. Платформата се развива за да можат сите брендови да ја употребат.

ДВ: Добро, сега да одиме во Македонија кај нашиот колега Крумислав.

Крумислав Барзов: Имиџот на Seat е доста висок посебно во источните делови на Европа. Тој е спортски и иновативен бренд. Кои се вашите предвидувања за дистрибуцијата на новите производи и новиот бренд на овие пазари? Дали се тие во втор план затоа што многу од новите модели не се баш достапни на овие пазари?

ВГ: Мислам дека имаме простор за подобрување во Источна Европа. Имаме некои пазари како Полска, Унгарија и други каде имаме разумно добро присуство, но имаме и големи можности на некои други источноевропски пазари каде можеме да растеме. И имаме тим од луѓе кои работат на тоа за обата бренда, но мислам дека со Seat очигледно имаме уште многу простор да растеме. Нашиот пазарен удел на тие пазари е помал од 2 проценти. Споредено со 4 во Германија или 8 во Шпанија и 7 во Австрија, сé уште постои голем потенцијал на пораст на Seat во Источна Европа. Автомобилите се посакувано нешто за помладата генерација, а исто така и на источноевропските пазари каде Cupra доаѓа на врвот со перформансите и дизајнот. Тоа може исто така добро да излезе. Затоа Источна Европа ќе ни биде во фокус за пораст на брендовите во иднина.

ДВ: Одиме кон Грција кај Ставропулос.

Јоанидис Ставропулос: Каква е иднината на еден автомобил како Mii со бензински мотор, односно каква е иднината на овој вид автомобили?

ВГ: Мислам дека иднината на малите бензински автомобили е да бидат мали електрични автомобили. Првото градско возило што ќе го направиме ќе биде поголемо од 4 метри, а дали ќе има пазар за нешто под него, ќе видиме. Но ако има пазар тогаш тоа ќе биде електрично, бидејќи од 2030-та па понатаму, ако сакаме да ги постигнеме целите и да излеземе во пресрет на емисиите на CO₂, тогаш во тој момент без електричен автомобил тоа не би било возможно. И затоа иднината на малите автомобили со внатрешно согорување е да бидат мали електрични автомобили. Cupra Born ќе направи голем чекор во тој смер, Volkswagen го прави тоа со ID.3, а ќе направиме и многу голем чекор со мал градски автомобил во Volkswagen групата, со моделот кој ќе биде конструиран и развиен во Шпанија. Колку ќе оди далеку проектот ќе зависи од одржливоста и тоа ќе го дознаеме во иднина, во зависност од цената на батериите кои ќе стануваат сé поефикасни и поевтини за да можете да направите мали возила кои сепак ќе бидат профитабилни.

ДВ: Едно последно прашање од Олег од Украина.

Олег Василевски: Моето прашање не е за Cupra туку за Seat. Во минатото Seat беше многу познат како ценовно пристапен бренд, особено кај комерцијалната гама. Дали имате некакви планови да ја проширите гамата и со комерцијални возила?

ВГ: Не, не мислам дека тоа е нашата улога во Volkswagen групата. Имаме за тоа посебна дивизија која добро си ја работи работата. Seat во минатото имаше некои комерцијални возила, верзија на Caddy, пикап, но не мислам дека ниту на Seat а уште помалку на Cupra им е улогата да понудат комерцијални возила. Но малиот градски електричен автомобил може да биде и комерцијално возило, ама не под нашите брендови бидејќи Seat е бренд за младата кул генерација и цели кон неа, а Cupra е неконвенционален предизвикувачки бренд дизајниран за перформанси.

ДВ: Сега ја затвораме сесијата со прашања и пред да кажам неколку збора за крај, не би си простил ако не ве прашам за натпреварувањата, бидејќи тоа е храбра одлука.

ВГ: Очигледно е, храбра беше одлуката да се оди со нова форма на мотоспортот, за кој сметам дека е неопходен. Но мислам дека тој треба да биде редефиниран за новата генерација, да биде позабавен, да биде поодржлив и без емисии на CO₂. Значи, со електрични возила и мислам дека Extreme E нуди голема забава, но мислам дека она што го прави повеќе од мотоспорт е затоа што ги прави луѓето свесни за тоа што се случува во светот во тешки климатски услови, во различни региони. Во Саудиска Арабија во пустина, потоа на Гренланд, па во Амазонија, каде сé нема да одат и убеден сум дека ќе биде навистина многу возбудливо. Ние бевме првиот автомобилски бренд кој влезе заедно со ABT. Во ред, на првата трка не победивме, но имавме добро искуство и привлековме многу внимание од медиумите. Сударот беше спектакуларен, но му благодарам на Господ, ништо не ѝ се случи на Клаудија, таа не беше повредена. Cupra и мотоспортот добро се вклопуваат и дека линкот кој е електричен е добар за двата бренда. Но нема да бидеме само во Extreme E, туку ќе одиме и во туринг трките со електрични автомобили. Мислам дека ‘чистиот’ TCR започнува оваа година. Ќе бидат инволвирани двата бренда.

ДВ: Вејн, благодарам многу, Вејн големиот шеф на Seat и Cupra ќе биде годинава присутен во различни прилики. Најверојатно ќе го сретнеме на минхенскиот IAA каде сите ќе бидеме и најверојатно ќе имаме прилика да го сретнеме. А дефинитивно дозволено ми е да потврдам ќе го сретнеме Вејн повторно за време на AutoBest гала вечерта која е закажана на 30 септември тука во Барселона, во живо, а не дигитално. Ќе бидеме сите овде присутни, плус многу, многу гости, за што не би сакал да зборувам сега бидејќи е многу рано, но дефинитивно нашата дваесетгодишнина ќе биде најверојатно најдобриот наш настан кој ќе го имаме во нашата историја! Вејн ви благодарам за оваа можност, лично сум многу возбуден и благодарам на техничкиот тим кој ја обезбеди оваа единствена сесија. Благодарам за вашето време.

ВГ: Мило ми е што се сретнавме овде во Барселона. Знам дека се премислив во последен момент дека сакаме да се сретнеме во куќата на Seat, но добро е Што се сретнавме во овој фантастичен град.