Радикални промени за радикален настап
Hyundai храбро исчекори со новата генерација на Tucson – потполно нов дизајнерски јазик, напредни технологии и електрифицирани погонски склопови со цел да го постават како еден од најсериозните играчи во сегментот. Со дизајнот се запознавме летово – рамни површини, остри рабови и тенки елементи, а внатрешноста е софистицирана, модерна и пријатна на око. Сега е време да се запознаеме со спецификациите.
И петтата генерација Tucson доаѓа во две верзии. Интернационалната е долга 4,7 метри и има меѓуоскино растојание од 2.785 милиметри. Европската пак има сопствен карактер и е за 14 сантиметри пократка, а растојанието меѓу оските е скратено за 65 милиметри. Постојат и мали разлики во широчината и височината и секако, во зафатнината на багажникот.
Верзијата за нас која ќе се произведува во Чешка ќе има три погонски групи, бензинска, хибридна и плаг-ин. Основата им е 1,6 литарскиот турбо мотор од 150 коњски сили кој засилен со електричната помош испорачува системски 245 односно 292 коњи. Во зависност од изведбата менувачот може да биде мануелен или автоматски со шест степени, или пак автоматизиран седумстепен со двојна спојка а погонот само на предните или на сите четири тркала. Плаг-ин изведбата има електрична автономија од 81 километар.
Пазарното лансирање во Кореја е предвидено за годинава, а во остатокот од светот ќе пристигне идната 2027-ма. Според најавите цените ќе стартуваат од околу 35 илјади евра.





