Hyundai – Santa Cruz

Новитети

Нашминкан во авантура

Произведен и наменет за ”Земјата на слободните“

објавено 21. април 2021

Цели шест години откако беше претставен концептот, Hyundai конечно го лансираше пикапот  Santa Cruz наменет исклучиво за Американците. Раководството на корејскиот производител долго се премислуваше за него бидејќи претставува нешто сосема ново во нивната понуда. Затоа и не го користат терминот пикап туку го опишуваат како спортско возило за авантури. Направен е на основа на Tucson на кој му е продолжено меѓуоскиното растојание и додаден простор за товар. Има четири врати и кабина во која преовладува патничкиот комфор, додека товарните можности му се поскромни. Така мора да биде бидејќи за разлика од класичните американски пикапи каросеријата му е самоносечка а не со крута шасија. Со неа е добиена значително пософистицирано возење, со кое всушност Hyundai сака да се додвори на новата генерација Американци со активен животен стил. Нив Santa Cruz ќе ги освојува со солидната опременост и моторите со 2,5 литри работна зафатнина и максимални 190 односно 280 коњски сили. И двата се спарени со осумстепени менувачи, а погонот на сите тркала е опционален. Со оглед на кросоверската конструкција димензиите му се раскошни – долг е пет и широк 1,9 метри, а има меѓуоскино растојание од три метри. Santa Cruz ќе се произведува во фабриката на Hyundai во Алабама, почнувајќи од јуни годинава. Цените засега не се познати, но се шпекулира со некои 25 илјади долари што е одлична бројка.