Новиот хибриден систем овозможува до 45% подобрена ефикасност на горивото
Покрај зголемувањето на електричната понуда Hyundai Motor не прекинува да ги развива самонапојувачките хибриди.
Со новата генерација, која дебитира во најголемиот теренец на компанијата Palisade, хибридниот погон има подобрени перформанси и ефикасност на горивото, како и повеќекратни конфигурации. За оваа прилика промовиран е и нов менувач со два интегрирани електрични мотори.
Едниот е задолжен за стартување, генерирање енергија и помага на моторот на согорување, додека другиот има задача за погон и регенеративно сопирање. Hyundai тврди дека комбинацијата на два мотори е подобра затоа што ја подобрува моќноста, перформансите и ефикасноста на горивото, а истовремено постигнува непречено менување и намален шум и вибрации за попрефинето искуство во возењето.
Промовираниот хибриден погон може да биде поврзан со асортиман на различни мотори и Hyundai навести дека ќе го користи во опсегот од 100 до 300 КС. Првиот хибриден систем од новата генерација користи 2,5-литарски мотор со турбо полнач, а ќе биде спарен и со 1,6-литарски турбо.
Во Palisade, 2,5-литарскиот мотор произведува 334 КС и 460 Nm вртежен момент што претставува 19% поголема моќност и 9% повеќе вртежен момент од стандардниот 2,5-литарски турбо. Што е уште поважно, хибридот нуди приближно 45% подобрување во ефикасноста на горивото. Претстојниот 1,6-литарски хибрид ќе се нуди во неименуван теренец со средна големина.
Напорите за електрификација не запираат со хибридниот погон бидејќи Hyundai исто така покажа систем e-AWD.Се одликува со мотор поставен одзади за да обезбеди подобра тракција како и подобрени перформанси на погонот на сите тркала.
Групацијата Hyundai Motor ќе ја прошири својата хибридна постава и новите погонски единици ќе се најдат во сè, од компактни до луксузни автомобили. Тие ќе вклучуваат модели од Hyundai, Kia и Genesis.


