Со два новитета Hyundai го одбележа пристигнувањето на пролетта
Првиот е за љубителите на напредните технологии претставени преку водородот како погонско гориво.
Корејската марка која е една од ретките кои ги негува ја подготви втората генерација на моделот Nexo кој сега може да се пофали со автономија од 700 километри. Водородот се чува во три резервоари под притисок од 700 бари а електромоторот кој ги задвижува предните тркала располага со 204 коњски сили.
Изгледот кој му беше најавен со концептот Initium во голема мерка потсетува на поновите кросовери на марката, освен задниот дел кој на многумина сигурно нема да им се допадне. Затоа пак вториот нивни новитет никого нема да остане рамнодушен.
Произлезен од малиот Inster личи како да е подложен на голема количина стероиди, заради што и ја има ознаката Insteroid.
Наменет исклучиво да го сврти вниманието на новата генерација возачи изгледа како да излегол од видео игра. Детали за погонскиот систем нема, ниту пак дали некој ќе се осмели да даде зелено светло за негово сериско лансирање.
Веројатно ќе остане само магнет за привлекување погледи на манифестациите каде Hyundai ќе го покаже.