Hyundai Elantra N Line

Вести

Буцко во спортска опрема

Трендот на спортски изглед на автомобилите зема замав, но за жал во случајот на Elantra нема трага од перформанси

објавено 09 јули 2020

Секоја сериозна компанија има едиции на своите производи зачинети со спортски шмек. Hyundai е една од нив. Покрај малиот i20N и компактниот i30N кои, покрај изгледот имаат засилени мотори и ревидирана суспензија, ред дојде на Elantra чија N изведба се однесува само на дизајнот. Тоа е постигнато со традиционалните зафати на каскадната маска на ладилникот, лаковите над тркалата кои се напумпани до 18 инчи и поголеми дискови на сопирачките.

Задницата е формирана со двојна издувна гранка и нискиот дифузер. Секако дека има и ситни детали кои ја формираат севкупната слика. Тоа секако се ретровизорите и неизбежните N Line исписи на боковите на каросеријата. Вака стокмениот спортски изглед е ефективен но, за жал, не е поддржан од перформанси. Испод хаубата и на потпирањето не се направени апсолутно никакви зафати. Тоа јасно укажува дека новитетот е наменет за шминкери кои се палат на изгледот а не на карактерот на возилото. Рака на срце, вака изгледа Elantra N Line делува спортски и атрактивно ама на улиците и патиштата ќе се движи споро и елегантно како вистинска манекенка. Што ако се најде на писта? Сигурно ќе продолжи да изгледа спортски.