Политички коректно или сигнал за иднината
Тактички чудно но стратешки доста исправно, Honda ни пласираше две вести
Објавено на 17 јуни 2019 година
Првата се однесува на електричниот градски автомобил, кој сé уште не сме го виделе во неговото финално издание. Но тоа не беше пречка за него да изразат интерес дури 25.000 потенцијални купувачи од Германија, Франција, Норвешка и Велика Британија, каде на почеток ќе се продава. Освен цената, тие не знаеја ниту дека серискиот модел наместо со ретровизори стандардно ќе биде опремен со камери. Сликата од нив ќе се прикажува на два 6-инчни екрани сместени на страните од инструмент таблата, веднаш до столбовите. Возачот ќе може да бира меѓу нормален и широкоаголен приказ, а мртвите агли и во двата случаи ќе бидат намалени. Екраните автоматски ќе го прилагодуваат своето осветлување, а на нив ќе се прикажува и сликата од камерата за возење наназад. Куќишта на камерите се обликувани така да нечистотијата не паѓа на леќата, која пак ќе биде пресвлечена со посебен слој што ќе го спречува задржувањето на вода. Освен безбедноста со камерите место ретровизори ќе биде подобрена и аеродинамиката, а бучава од возењето ќе биде намалена. Помала ќе биде и ширината на возилото, со што тоа полесно ќе се паркира и пробива низ тесни улички. Производството на овој електричен автомобил со ретро инспириран дизајн ќе започне пред крајот на годинава. Од техничките податоци за него се знае само дека ќе има погон на задните тркала и автономија од околу 200 километри.
Втората вест од Honda вели дека есенва на салонот во Токио ќе биде преставена Type R верзијата на ултимативниот NSX. Според непотврдените најави таа треба да има 650 коњски сили. Тежината ќе биде намалена за 80-тина килограми, а аеродинамиката значително подобрена. И ослонувањето најверојатно ќе претрпи измени, а се споменуваат и керамички сопирачки дискови. Најголема непознаница е цената која сигурно ќе биде повисока за 25 до 30 отсто од сегашните 157 илјади долари во Соединетите Американски Држави, каде NSX се произведува.