Honda – ја напушта Англија

Вести

Honda ја продаде фабриката во Свиндон

Фабриката за автомобили ќе стане складиште

објавено 16. април 2021

За разлика од Шпанците кои од петни жили се обидуваат да најдат решение за фабриката на Nissan во Барселона која ќе биде затворена, Британците ќе го немаат тој проблем со Honda бидејќи компанијата веќе најде купувач за своите погони во Свиндон. Тоа е логистичкиот гигант Panattoni кој најави дека во неа ќе инвестира околу 700 милиони фунти, но и дека нема да произведува ништо поврзано со автомобилската индустрија. Ќе се чека Honda да ги демонтира машините откако во јули ќе запре со производство на Civic, а што ќе биде потоа ќе зависи од многу фактори. Panattoni е познат по инвестициите во индустриски објекти и складишта кои понатаму ги изнајмува или продава на кој за што и да му требаат. Но тоа Honda воопшто не ја интересира бидејќи според глобалните планови за преструктуирање ќе се фокусира само на регионите каде продажбата им оди добро. А таа во Европа ни оддалеку не е таква, бидејќи пазарното учество на јапонскиот производител се намали на прескромни 0,4 отсто. Заради одлуката на Honda да ја затвори својата фабрика на југот на Англија која функционира од 1985 година и во која вкупно има инвестирано 1,5 милијарди фунти, без работа ќе останат 3.500 луѓе. Цената по која комплексот распослан на 150 хектари е продаден на Panattoni не е соопштена.