Хет-трик за Tesla

Top News Вести

До каде ќе расте Tesla?

објавено на 26 октомври 2021

Одговорот на ова прашање никој не го знае, дури ни оние што мислат дека го знаат. Така се случи вредноста на Tesla да надмине илјада милијарди долари и да се придружи на елитниот клуб компании како што се Apple, Amazon, Microsoft и Google. До тоа дојде откако низ светот проструија две доста позитивни вести за Tesla. Првата дојде од JATO Dynamics, според чии податоци Model 3 е најпродаван автомобил во Европа во септември. За него се имаат одлучено 24.591 купувач, што е далеку повеќе од второпласираниот Renault Clio (18.264). Другата за Tesla значајна вест пристигна од Hertz, чие раководство објави дека донеле одлука да нарачаат 100.000 автомобили со вредност од 4,2 милијарди долари. Возилата наменети за нивните филијали во САД и Европа ќе бидат сукцесивно испорачувани почнувајќи од наредниот месец сé до крајот на идната 2022 година.

Нормално, на ваквите вести берзата веднаш реагираше и акциите на Tesla пораснаа за 14,9% со што вредноста на компанијата се искачи на 1.045 милијарди долари. Сега сите се прашуваат колку време ќе биде така, на што единствениот одговор го има Илон Маск кој си има поставено за цел раст на продажбата од 50 отсто годишно додека не стигне до 20 милиони продадени возила секоја година. Звучи преамбициозно, нели?!