Светот повеќе нема да биде ист
Сцените во кои конвои брадосани мотоциклисти крстосуваат низ американските пространства создавајќи бучава од која и ѓаволите ќе избегаат дефинитивно ќе ги гледаме само по филмовите – Harley-Davidson ќе произведува само електрични мотоцикли. Светот повеќе нема да биде ист бидејќи покрај длабоките корени и силната традиција што ги има оваа марка, ѝ фали нешто многу битно – млади купувачи. А нив повеќе не ги интересираат бунтовничкото однесување и бавните и тешки за возење машини. Тие имаат поинаков поглед на сегашноста во која приоритетите се некои други. Во блиското минато Harley-Davidson се обиде да ги освои со поевтини и попрактични модели, но не успеа – бремето што го има беше претешко. Затоа марката се реши за радикален пристап кој го најави во 2019-тата со електричниот LiveWire. Но и тој не ги даде очекуваните резултати – високата цена од триесет илјади долари ги бркаше купувачите. Следеше негово издвојување како посебен бренд, за сега Harley-Davidson конечно да се определи во струјата да ја гледа својата иднина. До неа сепак нема да стигне така бргу – крајот на деценијата ќе биде преломен момент, а дури некаде околу 2040-тата мотоциклите на бензин ќе бидат пензионирани.