Фокусиран на успех
Имавме можност да седнеме зад управувачот на новиот Focus и да го возиме во неколку изведби
Објавено на 23 јули 2018 година
автор: Крумислав Барзов
Од своето деби во 1998 година Ford Focus достигна тираж од 18 милиони примероци низ целиот свет што го прави најпродаван модел во класата. Тоа најмногу се должи на неговите возни својства и управливоста. Новата четврта генерација треба да отиде уште подалеку и да ги подобри сите слаби точки детектирани во претходните изданија како што се квалитетот на внатрешноста, просторноста на интериерот и современите технологии кои се насочени на возачот. Неколку дена пред да отпатуваме за Прованса сами од себе се поставуваа повеќе прашања и очекувања за Focus 4. По дводневните тест возење добивме одговори за сите нив, а во продолжеток ги делиме со вас.
За секој автомобил, особено за оној што има шампионско педигре перформансите се најважната категорија. Ford Focus е носител на две конструкторски титули а има победено на 44 рели натпревари од светскиот шампионат. Токму поради ова моите импресии ги започнувам со моторите кои патем речено сериозно се намалени. Во понуда се два бензинци и двата со три цилиндри потпомогнати со турбо полнач. Првиот е наменет за оние што поминуваат мали дневни раздалечености, повеќето километри ги поминуваат во град а имаат повремени „излети“ на автопат. Тоа е еднолитрен мотор со избор на три силини од 84, 100 и 125 КЅ. Вториот мотор е наменет за оние кои од автомобилот бараат многустраност. Економичноста да биде прифатлива, да биде експлозивен, да има спринтерски манири и да биде способен да помине долги разделечености. Таа улога му е доделена на трицилиндерскиот турбо-бензинец претставен лани во Fiesta, има работна зафатнина од 1,5 литри со две јачини, 148 и 180 коњи.
Немавме можност да го возиме најмалиот мотор, но затоа имавме можност за извозиме 180 километри во најсилната верзија чии перформанси се неочекувани доколку имате силна предрасуда кон трицилиндерските мотори
Веќе во првите километри таа предрасуда паѓа во вода. Во портфолиото на Ford долго време се присутни трицилиндерските мотори а кога дојде во мода намалувањето на работната зафатнина и цилиндрите овие мотори добија потполно нова улога. Покрај економичноста од нив се очекува и повеќе од добри перформанси. На самиот почеток на возењето се забележува смиреноста и тивкото работење. Покрај одличната избалансираност на цилиндрите и урамнотежениот ритам овој мотор знае повеќе од добро да повлече, па дури и зачудувачки. За тоа допринос има и намалената тежина на каросеријата чии 1.328 килограми која се вбројуваат меѓу полесните па затоа и моторот лесно се снаоѓа. Во текот на возењето поминувавме на планински рути полни со свиоци не калкулирајќи со економичноста па затоа забележавме просечни 8,9 литри.
Ќе беше рамно на ерес доколку не се изборивме за возење на дизел изведба. Во понудата се четири цилиндерски TDCI агрегати во верзии од 1,5 литри (94 и 120 КЅ) и дволитарец со 150 коњи. Мојот избор беше оној рационалниот од 120 коњи. Ризикувајќи дека ќе бидам здодевен повторно го пофалувам неговото работење кое е проследено со малку по изразен резонантен звук. Благодарение на вртежниот момент од 370 Nm лесно потегнува од мали вртежи по што должноста и ја препушта на турбината која ја пумпа силата во цилиндрите и доаѓа до лесно движење и линеарни забрзувања. Иако моторот е набилдан токму како за на плажа тој е расположен за справување со тешки задачи задоволувајќи ја својата жед со коректни 5,8 литри нафта.
Својствено на новиот Focus e да повлекува од ниски вртежи и ритамот на забрзувањето да го одржува сé додека не ги достигне крајните можности
Возењето кај двете изведби, бензинската и дизелот, беше проследено со новиот автоматски менувач од осум преноси. Тој е развиен во кругот на компанијата и нема двојна спојка. Инженерите се посебно горди на својот производ од чии перформанси автомобилските купувачи ќе бидат повеќе од задоволни. Наша замерка е што понекогаш, без оглед дали работи во тандем со бензинецот или дизелот, се јавува „трилема“ во изборот на следниот акт, дали да префрли во повисок, понизок или да го задржи актуелниот избор на преносот. Во повеќето случаи тоа се одвива беспрекорно. Доколу возачот сака може мануелно да ги менува преносите со прекинувачите зад управувачот. Во мануелниот модус на работа доколку моторот го достигне црвеното поле на вртежи менувачот самостојно префрла во повисок пренос за да го заштити моторот.
Новиот менувач донесе и потполно нов распоред во интериерот. Изборот на брзините се врши преку ротационен прекинувач. Ова решение беше многу популарно во британските премиум возила, но тие го напуштија враќајќи се на класичните палки. Ford го брани ова решение бидејќи се доби повеќе простор на централниот гребен. Општиот впечаток е дека во внатрешноста има многу повеќе простор во однос на претходната генерација. Лично многу се зачудив соочен со фактот дека меѓуоскиното растојание е зголемено незначително додека надворешните димензии останаа исти. Сепак во внатешноста има повеќе простор во сите правци особено на задната клупа. На централната конзола сместен е екран чувствителен на допир со димензија на таблет, манипулаторите за климатизацијата се ротациони, а на централниот гребен се сместени, покрај ротациониот селектор на менувачот, уште активаторот на возачкиот дисплеј чии вредности се испишуваат на ветробранското стакло пред возачот и трите програми за амортизација и управување кои се од голема помош во адекватни услови на возење.
Покрај каросериската изведба хечбек со пет врати од самиот почеток ќе се нуди и караванска верзија која е за 30 сантиметри подолга од првата
Но тука не завршува техничката спецификација на Ford Focus. Тој се нуди со три типа на потпирање. За послабите верзии на задните тркала се поврзани со торзиона оска додека кај верзиите со посилни мотори задните тркала независно се поврзани со каросеријата (Multi Link). Кај ова поврзување се користат пружини во форма на банана кои го буткаат задното надворешно тркало во насока на движењето во свиок со што се добива подобро припојување на тркалото со подлогата. За караванската каросерија има адаптирано потпирање на задната оска наречено SLA систем каде пружините се во лежечка позиција, скоро хоризонтални со што се здолемува просторот во багажникот. Затоа потпирањето е максимално прилагодено на изведбата на автомобилот. Вака се повторува посветеноста на „синиот овал“ да прави потпирања кои со хируршка прецизност одговараат на командите, отпорни се на нерамнини и на лоши патишта Ford Focus се однесува со балетски баланс.
Во внатрешноста се забележува подобрениот квалитет на завршната обработка и употребените материјали
Кога на тоа ќе се додаде драматично подобрената звучна изолација во кабината. Ford силно работеше да ја направи изолацијата во Focus што е можно подобра. Трицилиндерскиот бензински мотор смирено работи и произведува галама само кога е под силно оптоварување додека дизелашот од 120 коњи е галамџија но ништо повеќе од своите ривали од другите марки. Забележителен е звучниот запис на ветрот што поминува покрај надворешните огледала но во генерална оценка е дека новиот Focus е за цела класа подобар во звучната изолација во однос на претходникот. Пофалба треба да се упати и кон седиштата без оглед дали се работи за конфорните (прилагодливи во 18 насоки) сериски во изведбите Titanium или за спортските ЅТ Line кои електрично се дотеруваат и имаат поддршка за телото во свиоци. Но, на дополнителните луксузи тука не е крајот. Во зависност од изведбата листата на дополнителна опрема е долг, па така можни се адаптибилен темпомат, камери кои ги покриваат сите страни на автомобилот, LED светла кои се сериски во врвната изведба Vignale. На списокот се наоѓа и 8-инчниот екран, Bang&Olufsen систем на озвучување од 675 W со 10 звучници и сабвуфер и уште еден куп системи за ефектвно поврзување со автомобилот. Сите површини што се во видното поле се направени од гумирана пластика а за повисоките нивоа на опременост воланот и рачката на менувачот се обложени со кожа.
Новата генерација на Focus е насочена во правец на ергономијата и високата технологија
По изминатите неполни 300 километри со бензинската и дизел верзија со 1,5 литарска зафатнина во Vignale, ST Line и Titanium изведби дојдов до заклучок дека Focus 4 е автомобил што е направен во духот на новото време. Досега за Ford важеше дека внатрешниот дизајн е на граница на кич. Смалените но ефективни мотори впрегнати со шестстепена мануелна или осумстепена автоматска трансмисија даваат забава и радост во возењето со пристојна потрошувачка. За пофалба се стилските цитати на предницата каде се забележливи три стила на маската на ладилникот, три различни потпирања на задната оска, многуте можности за опремување на внатрешноста, високата технологија како и конективните и забавните технологии го прават Focus 4 да заслужи чиста петка. Го очекуваме на нашиот пазар најдоцна за еден месец. Неофицијално дознаваме дека изведбата со еднолитарски мотор со 84 КЅ во ниво на опременост Trend ќе чини околу 16.000 евра.