Премиум марката Genesis реши да се искачи скалило погоре и да креира перформансна линија која ќе ги опфати сите модели.
Серијата е наречена Magma и треба да помогне за зголемување на имиџот и полесна диференцијација на брендот од матичниот Hyundai.
Со други зборови Magma моделите за Genesis ќе бидат она што е AMG за Mercedes или пак M за BMW. Подготовките за лансирање на оваа серија траат од минатата година. Лани во септември беше прикажан GV80 Coupe со спортски дотерана каросерија обоена во портокалова Magma боја, а следеше и спектакуларниот концепт X Gran Berlinetta Vision Gran Turismo со иста боја.
Сега стана јасно што најавуваа овие портокалови автомобили. Прв од серијата ќе биде електричниот кросовер GV60 кој се издвојува со агресивниот аеродинамичен пакет, пониско растојание од подлогата и единствени тркала од 21 инч. Точниот датум за почетокот на продажбата на Magma линијата не е објавен, но се очекува тоа да биде годинава.