Свежа крв во премиум сегментот на купе кросовери
На претстојниот салон на автомобили во Њујорк луксузниот бренд на Hyundai најавува напад на уште еден сегмент
Genesis е бренд што има најголем прогрес во сегментот на премиум возилата. Последните неколку години се претставуваат еден по друг модел што ги краси висок квалитет, моќни мотори и импресивен дизајн.
Сега, во пресрет на саемот за автомобили во Њујорк (7-16 април), прикажан е Genesis GV80 Coupé Concept, концепт на возило со четири врати, поточно купе кросовер, кој експлицитно го најавува претстојниот сериски модел.
Во споредба со актуелниот GV80, покривот поблаго се спушта наназад, а задниот спојлер е јасно обликуван. Хомогеното осветлување со две континуирани задни светлосни ленти е новост, истото како и црните тркала од 23 инчи и впечатливата магма црвена боја.
Внатрешноста е исто така поспортска, особено во задниот дел со индивидуални седишта и елементи од јаглеродни влакна помеѓу седиштата и багажниот простор. Но, освен овие разиграни елементи, GV80 Coupé веројатно ќе изгледа токму како студијата кога ќе почне да се произведува кон крајот на оваа или почетокот на 2024 година.
Под хаубата веројатно ќе има економични и чисти шестцилиндрични дизел и бензински мотори кои ќе можат да работат и со климатски неутрални е-горива. Кога ќе дојде на пазарот ќе се соочи со воспоставената германска конкуренција во форма на Audi Q8, BMW X6 и Mercedes-Benz GLE Coupé.
Меѓу нив, новиот Genesis GV80 Coupé можеби не е најелегантната, но дефинитивно ќе биде најиндивидуалната понуда во сегментот.


