Господари на свиоците
Како застапник на General Tire, Мотоцентар од Скопје нѝ пружи ретка можност – на тркачка патека да се запознаеме со најновите пневматици од американскиот производител
Објавено на 9 март 2019 година
автор: Зоран Коцев
Прилика на тркачка патека да се запознаеме со нови пневматици не се пропушта и голема група претставници на медиумите и соработници на Мотоцентар од Скопје се упати кон Серес, Грција. Таму подготвени нé чекаа три возила со тркачко педигре на кои беа монтирани најновите Altimax One пневматици на General Tire. Наменети се за возачите кои бараат високи перформанси и целосна безбедност, без притоа да се нарушат комфорот во возењето и економичноста. Како наследници на Altimax Comfort и Sport, на располагање се во две изведби. Првата има три надолжни канали и главно е наменета за помалите автомобили. Втората пак е со четири бразди и е дизајнирана да одговара на возилата со повисоки перформанси. Заеднички им се доброто држење за подлогата, исклучителната управливост што ја обезбедуваат и зголемената километража.
Тоа е овозможено со новите поврзани ременски блокови со дополнителна крутост кои даваат прецизен одговор при секојдневното возење. Големиот број на тракциски засеци овозможуваат подобрена контрола и сигурност на мокар коловоз и во отежнати услови. Посебно Altimax One S кои ефикасно ја исфрлаат водата при поголеми брзини обезбедувајќи дополнителна безбедност во секој свиок. Во тоа се уверивме и самите на предизвикувачки асфалт на патеката во Серес. Иако не се наменети за трки, безбедноста што ја овозможуваат веднаш се почувствува. Одличното прилепување нé тераше да возиме побрзо отколку што инаку би се осмелиле. Возбудата растеше од круг во круг, чиј број за жал беше лимитиран за сите да можеме да ги пробаме. Сепак и тоа беше доволно за почувствуваме дека новите пневматици на General Tire вистински господарат со свиоците. За целосно кревање на адреналинот нашите домаќини од Мотоцентар ни овозможија да се запознаеме со перформансите што Continental Sport Contact 6 пневматиците ги овозможуваат на автомобил со тркачко педигре како што е Porsche 911 GT3.
На презентацијата уште слушнавме и дека отпорот на тркалање и километражата што можат да ја поминат се подобрени за десетина отсто. Тоа е постигнато со новиот состав газечкиот слој збогатен со силициум диоксид. Компјутерски оптимизираниот дизајн на шарата овозможува повеќе километри заради намаленото деформирање што предизвикува абење. Од голема помош на возачот ќе биде и мониторот за истрошеност кој укажува кога е достигната минимална длабочина на дезенот и дека дошло време за замена на пневматиците. Исто и индикатор за визуелна усогласеност со кој се проверува дали се јавува предвремено абење заради неправилна подесеност на тркалата, со што се намалува ризикот во возењето.
Altimax One и One S ќе бидат достапни во вкупно 49 големини за тркала со внатрешен дијаметар меѓу 15 и 20 инчи. Рангирани се за брзини до 300 километри на час, а избрани димензии се со зајакнати страници и наменети за употреба кај спортско-корисните возила.