Раѓање на нова галаксија
Новиот бренд ќе биде премиум не само во определбата. Посветено е големо внимание на изгледот, погоните и услугите што ќе ги понуди на купувачите
Со претставувањето на Galaxy L7 PHEV роден е првиот модел со премиум ориентација на кинескиот гигант Geely. Во следните две години под името Galaxy ќе се лансираат седум нови модели од кои четири ќе бидат приклучни хибриди со долг дострел и три потполно електрични.
Веќе од крајот на април ќе започне испораката на спортско корисното возило Galaxy L7 додека седанот L6 би требало да се појави на улиците во летните месеци. По тоа ќе следат уште два приклучни хибриди, и три БЕВ од чија флота првенец ќе биде Galaxy E8 закажан за испорака во четвртиот квартал од годинава.
На инаугуративната церемонија беа претставени нови напредни технологии за електрификација, вклучувајќи го новиот систем за безбедност на батериите Aegis, погонската група NordThor Hybrid 8848 и најновиот оперативен систем за паметни возила Galaxy N-OS.
Хибридниот склоп на Geely Auto, NordThor 8848 со системот за предвидување и управување со енергијате ја подобри економичноста на моторот на внатрешно согорување за 15%. Со хибридниот погон Galaxy L7 достигнува максимални 200 км/ч и доволни се 7,5 секунди за спринтот 0-100 км/ч.
Најавена е релна потрошувачка на гориво од 5,23 литри/100 км што му овозможува на Galaxy L7 да помине 1.370 километри со еден резервоар. Со новиот дизајнерски пристап Geely покажува дека има доволно храброст да се наметне со нови идеи посветени на екстериерот и внатрешноста на возилата што ќе го носат беџот на Galaxy ветувајќи не само атрактивен изглед туку и врвна ергономија.
Флотата на Galaxy ќе го користи безбедносниот систем за батерии Aegis кој нуди највисоко ниво на заштита при директни удари на батеријата за време на судир. Воедно со новиот софтвер поврзан со „облак“ системот го зголемува траењето и ефективноста на батеријата за 20%. Промовиран е и новиот Galaxy N-оперативен систем кому му се потребни само 0,5 секунди за подготвена оперативна состојба.
Со помош на мрежата на сателити на матичната компанија возилата на Galaxy имаат пристап до прецизно позиционирање и високопрецизни мапи за да помогнат во интелигентната функционалност на возењето. Се очекува дека до 2025 година Geely Holding Group ќе го заврши лансирањето на својата сателитска мрежа за да обезбеди целосна глобална покриеност за ново формираниот премиум бренд Galaxy. Во оваа мрежа би можеле да бидат вклучени и останатите членки на групацијата Geely.


