Ford Transit го прослави шеесеттиот роденден
Настана во време кога Европа економски беше закрепната од војната и купувачите бараа нешто повеќе отколку робусни возила за товарање. Како прв заеднички модел после спојувањето на двете европски филијали на Ford во една компанија, Transit во себе ги обедини британското искуство и германскиот инженеринг. Со својот стил успеа да ја промени историјата на комерцијалните возила и затоа и денес живее на сите континенти. Производството беше организирано во англискиот Беркшир, во погоните од каде некогаш излегуваше борбениот авион Hawker Hurricane.
Основната конструкција беше едноставна – практична и направена да трае, а погонската механика ја презеде главно од Taunus. Во него се вградуваа V4 и V6 мотори а подоцна и дизели, кои се одликуваа со својата издржливост и повисока моќност во однос на конкурентите. Просторот беше подобро искористен со што лансирањето на повеќе разни каросериски верзии беше едноставно од конструктивна гледна точка. Се нудеше во кратка и долга верзија, како фургон, комби, минибус, пикап и камионче, со носивости од 610 до дури 1.780 килограми. Беше разумно евтин и издржлив и затоа брзо стана популарен меѓу широк број купувачи.
Интересен е фактот дека на почетокот од седумдесеттите години британската полиција утврдила дека Transit бил користен во дури 95 отсто во грабежите на банките на Островот. Во 1978 година беше темелно обновен а од првата генерација која се произведуваше во десет фабрики низ целиот свет, до 1985-тата беа направени повеќе од два милиона возила. Со вкупно до денес своите 13 милиони пласирани примероци остана најпродаван модел во светот од својата категорија. А како и не би кога во моментот е достапен во повеќе од 1.300 варијанти, без да ги сметаме бојата на каросеријата или опционалната опрема.