Сите знаеме дека Ford F-150 е апсолутен владетел на американскиот пазар но сте се запрашале ли кој е најдобро продаван пикап во Европа?
Ford и тука предводи ама со Ranger. Иако конкуренцијата ни оддалеку не е како преку океанот и единствени сериозни предизвикувачи му се Toyota Hilux и Volkswagen Amarok, Ford Ranger веќе десет години по ред е лидер меѓу пикапите кои зафаќаат помалку од еден процент пазарно учество од вкупната продажба на возила.
Според податоците на Ford лани во Европа се продадени 60.400 примероци од Ranger што е за 4 отсто повеќе од претходната 2023-та година. Со тоа тој сочинува скоро половина од вкупната продажба на пикапи во Европа. Развиен во Австралија, Ranger за тукашниот пазар се произведува во Јужна Африка заедно со Volkswagen Amarok кој согласно договорот за соработка меѓу двете компании всушност е негов дериват.
Посебно интересна е плаг-ин изведбата која има 279 коњски сили и електрична автономија од 43 километри, а располага со можност да напојува со струја надворешни уреди. Првите испораки ќе започнат пролетва, по цена која во Германија стартува од 53 илјади евра.


