Ford Mustang » Четврта година на тронот

Четврта година на тронот

Објавено на 20 април 2019 година

Без изненадување, Ford Mustang четири години по ред е најпродаван спортски автомобил во светот. Заслугите за тоа ги имаат неговите карактеристики, но и вистинскиот имиџ. А него Ford внимателно го негува, посебно со изведби каква што е Shelby GT500. Со неа Ford исправи една неправда, бидејќи пет години ја немаше во понудата. Фановите на моделот со право му беа лути, но омекнаа кога слушнаа за неговиот 5,2 литарски алуминиумски V8 мотор со преку 700 коњски сили. Официјалната бројка не е објавена, а шпекулациите се движат од 700 до 755 коњи во чие производство помагаат масивниот рутсов компресор и водено ладениот интеркулер. Но колку и да се, ќе бидат доволни за ветеното забрзување до 60 милји на час за околу 3,5 секунди и максималната брзина од 290 километри на час.

Моторот кој рачно ќе се склопува е комбиниран со 7-степена трансмисија со двојна спојка, но неофицијално се споменува и мануелен менувач. Агресивните аеродинамични додатоци и дизајнерски елементи кои потсетуваат на оригиналниот Shelby GT500 од пред половина век го разликуваат од стандардниот Mustang. Додадени се и нови 20-инчни тркала со тркачки пневматици, адаптивно ослонување и Brembo сопирачки со црвени клешти и дискови од 420 милиметри напред и 370 назад. За комплетирање на задоволството ќе се погрижат дотераниот ентериер со Recaro седишта, Launch control системот и спортскиот звук. Во опремата ќе се најдат и дигитална инструмент табла, пристап на интернет, Bang & Olufsen аудио систем со 12 звучника, задна камера и уште пар битни електронски асистенти. Продажбата ќе му започне наесен, а првиот примерок се продаде за дури 1,1 милион долари. Негов купувач е претседателот и директор на аукциската куќа Barrett-Jackson, која ја организираше продажбата.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER