Ford Kuga :: Бензин, дизел, плус три хибридни верзии

Бензин, дизел, плус три хибридни верзии

Ford ја претстави третата генерација на својот компактен кросовер

Објавено на 3 април 2019 година

Во однос на претходникот Kuga порасна готово во сите насоки. Подолга е за 89 милиметри, а поширока за половина од тоа. Меѓуоскиното растојание е растегнато за 20 милиметри, а висината е намалена за исто толку. Се темели на новата C2 платформа, која му обезбедува за 10 отсто поголема цврстина и за просечни 90 килограми помала тежина. За подобра аеродинамика подот на возилото од долната страна е испеглан. Флуидните линии на каросеријата делуваат атрактивно од сите агли на гледање. Во внатрешноста која е доста слична на актуелниот Focus се истакнуваат дигиталната инструмент табла и 8-инчниот мултимедиски екран. Амбиентот го подобрува Bang and Olufsen аудио системот, а релаксираноста на патувањата head-up дисплејот и поддршката за Android Auto и Apple CarPlay. За безбедноста е задолжена бројна електроника претставена преку системите за надгледување на мртвите агли, препознавање на пешаци и велосипедисти, адаптивниот темпомат и друго. Задните седишта се загревани и можат да се поместуваат за патниците назад да имаат повеќе место за колената. Доколку пак се постават докрај нанапред, багажниот простор се зголемува за дополнителни 67 литри.

Во напливот на електрификацијата, новата Ford Kuga доби дури три еколошки верзии. Најштедлива е plug-in хибридната која комбинира 2,5 литарски бензинец и електромотор со вкупно 225 коњски сили. Просечната потрошувачка на овој модел е декларирана на 1,2 литри на 100 километри. Треба да споменеме дека според нормите за тестирање во нив се пресметани и 50-те електрични колку што батеријата од 14,4 киловат-часа овозможува да се поминат. Ќе следат и обичната и благата хибридна верзија на Kuga. Освен дека ќе го има истиот бензинец деталите за првата засега не се познати. Во втората пак погонот ќе доаѓа од дволитарски мотор со 150 коњски сили, спарен со 48-волтен стартер-генератор и  унапреден старт-стоп систем. Што се однесува до класичните мотори, во понуда ќе бидат три бензински и два дизела со моќност меѓу 120 и 180 коњски сили. Интересен е потполно новиот 8-степен автоматски менувач, а за погонот на сите тркала ќе се грижи интелигентен систем.

Ford лани од ова спортско-корисно возило во Европа продаде 154.000 примероци. Новата генерација ќе пристигне на пазарот во втората половина од годинава, по цени кои се очекува да бидат малку поголеми од сегашните.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER