Огин и пламен
Синиот овал има долга и успешна традиција во призводство на спортски рафинати на своите компактни возила. Таков пример е Focus чија четврта генерација доби потентна изведба означена како ЅТ што е акроним за Sport Technology.
Објавено на 9 септември 2019 година
автор: Крумислав Барзов
Секогаш кога се соочувате со спортска изведба на големосериски модел очекувате многу. Кај Ford очекувањата се уште поголеми бидејќи со децении ги негува таквите модели кои се дотерани да пружат доволен комфор за секојдневна употреба, од една страна, а од друга страна знаат да покажат заби и на многу поскапите спортски модели. Таков е Focus ST кој по надворешноста можете да го забележите по спуштената каросерија, нејзината портокалова боја, 19-инчните тркала и црвената ознака ЅТ. Во внатрешноста работите стојат поинаку. Таму сé е подредено да ве потсетува дека се наоѓате во автомобил способен да пружи многу. Школкастите спортски седишта произведени од специјалистот Recaro, богатата опрема, мулти функционалниот управувач и, му благодарам на севишниот, сега стрелките на инструментите имаат црвена наместо сина боја. Централната конзола е иста како кај сериските изведби на Focus, но таквиот амбиент сосема одговара на спортските манири на уредување.
Изведбата ЅТ е позната по своите спортски карактеристики кои доаѓаат од моторот
Тој е познат како најмалиот во изборот на Mustang. Неговите четири цилиндри имаат капацитет од 2,3 литри и со помош на турбина испорачуваат 276 коњи кои се пренесуваат на предните тркала преку шестстепен мануелен менувач. Со притисок на копче се стартува моторот чиј звук воодушевува. Пригушениот резонантен звук како да вибрира насекаде околу возачот, со забрзувањето хипнотичката пригушена галама како да ве обзема. Без оглед дали возите брзо или споро можете да уживате во рапсодијата на цилиндрите. За жал, иако маршрутата која домаќините ја избраа изобилуваше со свиоци, ригорозните ограничувања на брзината, не дозволените претекнувања и гужвата на патот не ни дозволија да уживаме во перформансите. Затоа се посветивме на другите содржини.
Преку воланот можете да ги контролирате повеќето функции на автомобилот
За спортските ентузијасти многу важен дел се перформансите, а тие се достапни на едно копче. Преку него се активираат електронски дефинирани модуси на возење, од нормален преку спортски до тркачки во кого услугите на ЕЅР се откажуваат, управувањето станува покруто, a потпирањето се спушта за 10 mm благодарение на адаптибилните амортизери кои се дел од сериската опременост. Во ниту еден случај не смее да се заборави дека со помош на сопирачкиот систем работи векторингот на вртежниот момент и има електронски контролиран диференцијал против пролизгување на тркалата. Таквата конфигурација овозможува одлични перформанси на управливоста и стабилноста на автомобилот. Иако немав услови да ги доведам до максимални граници возните својства барем успеав да ја почуствувам возбудата на возење на еден „жежок“ модел. А како да не кога забрзувањето до стотка е 5,7 секунди? Иако немав многу можности да го „цедам“ поради густиот сообраќај на Јадранската магистрала во потегот од Каштела до Скрадин во должина од 90 километри ми се створија три-четири можности да го погонам Focus ST токму онака како што сакав. Мануелниот менувач наметнува возачки стил од старата школа. Префрлање во понизок пренос, гас до даска, со кратко цимање на воланот веќе сум на спротивната лента, повторно шалтам во повисок пренос и како за трепнување на окото зад мене се пет автомобили. При едно такво претекнување влегов во поостар десен свиок во кого освен цвилењето на гумите не се случи ништо. Каросеријата понизно ги исполни моите команди, со малку навалување беспрекорно ги поднесе сите оптоварувања а јас си кажав сам на себе дека е време да се скротам и крајните можности да ги испитам во адекватни услови.
Остатокот од возењето се одвиваше на авто пат каде без проблем се одржуваше брзината од 220 km/h. По пристигнувањето на финалното одредиште просечната потрошувачка изнесуваше 11,8 литри што е сосема прифатливо за ваков мотор и стил на возење. Со цена од 32.900 евра до регистрација, Focus ST нуди многу повеќе од очекуваното. За оние кои сакаат повеќе ќе треба да ја почекаат изведбата RS која би требало да има 340 коњи и погон на сите тркала. Но купувачите кои сакаат да имаат одличен компакт за секојдневна употреба кој секавично се трансформира во машина со тркачки перформанси за разумна цена тогаш ЅТ е вистинскиот избор.
основни податоци Ford Focus ST | |
мотор: | 4 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, директно вбризгување на горивото, турбо компресор, 2.261 cm³, 276 KS при 5.500 min⁻¹, 420 Nm при 3.000-4.000 min⁻¹ |
трансмисија: | мануелен менувач со 6 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 235/40 R18 |
каросерија: | хечбек со 5 врати, 4.388×1.825×1.458 mm, меѓуоскино растојание 2.700 mm, тежина 1.508 kg, максимална тежина: 2.000 kg, резервоар 52 литри |
перформанси: | максимална брзина 250 km/h, забрзување 0-100 km/h за 5,7 секунди, просечна потрошувачка 7,9 l/100 km, емисија на CO₂ 179 g/km |
цена: | 32.900 евра |
[su_image_carousel source=”media: 29640,29639,29638,29637,29636,29635,29634,29633,29632,29631,29630,29629,29628,29627,29626,29625,29624,29623,29622,29621,29620,29619,29618,29617,29616,29615,29614,29613,29612,29611,29610,29609,29608,29607,29606,29605,29604,29603,29602,29601,29600,29599,29598,29597,29596,29595,29593,29592,29591″ dots=”no” link=”image”]