Добра вест за работниците, лоша за европската авто-индустрија
Од поодамна се знае дека електрификација ќе донесе неочекувани промени. Некои и непријатни, посебно за работниците чии погони ќе се затворат. Таков е примерот со фабриката на Ford во германскиот Сарлуис каде сега се произведува Focus. Нејзината иднина никаде не се споменува во стратегијата за трансформација на марката за која ќе се инвестираат две милијарди долари. Но во оваа ситуација своја прилика виде кинескиот BYD, во чии планови е организирање на производство во Европа. Засега непотврдените вести велат дека двете компании веќе договориле средба на која ќе се дискутира за потенцијалната продажбана овој фабрички комплекс. Според инсајдерски информации иако целата оваа приказна сé уште е во рана фаза, постојат позитивни изгледи да се реализира. Тоа би можело да се случи кон средината на деценијава, кога сегашната генерација на Focus треба да отиде во пензија.

Оваа фабрика е отворена 1968 година и во неа на почетокот се произведуваа панели за каросериите на возилата на Renault. Производството на возила започна две години подоцна, кога од нејзините монтажни ленти започна да излегува популарниот Escort. Следуваа Capri, Fiesta, Orion, Kuga и C-Max, а со производство на Focus се стартуваше во 2008-мата. Во неа во моментов се ангажирани 4.600 работници.


