Fisker – Ocean

Вести насловна

Ново доцнење!

Поради финансиски пречки, одложена испораката на Ocean

објавено 18. август 2021

Спектакуларната најава на новиот електричен автомобил пред две години како да ја опи јавноста. Чудесниот Океан беше ветен за неверојатна цена од 37.500 долари или 32.000 евра. При тоа објавено е дека располага со најновите функции за автономно возење и забрзувањето од мирување до стотка е пократко од три секунди. Тоа го вети Хенрик Фискер, а наместо во овој период да почне да испорачува возила тој најави одложување за ноември 2022 година. Тоа е поради пазарот на акциите бидејќи долго време тие беа статични, но неодамна имаше движење. Тоа го предизвика лично г.Фискер со својата изјава дека неговото спортско-корисно возило е  „најдобриот“ светски кориснички интерфејс, сличен по својот револуционерен карактер со првиот iPhone, при тоа нагласувајќи дека треба да се очекува најдобро забрзување и најголем опсег. Во исто време, инвестициската банка Морган Стенли го пофали Фискер како една од ретките старт-ап компании што постојано ги почитува роковите.

Веднаш потоа Фискер објави дека ќе собере нов капитал преку конвертибилни обврзници во износ од 625 милиони долари, што е еквивалентно на 530 милиони евра. Цената на акцијата веднаш падна! Фарсата се случи некој ден подоцна кога Фискер преку Твитер објави „Работиме на тоа Фискер АД да стане долгорочен бизнис со силни производи. Автомобилска компанија која сака да победи има потреба од повеќе од автомобил. Ова не е за дневни трговци. Нашите долгорочни акционери го знаат тоа и им благодарам за поддршката“. Со својот твит, Фискер ја отвори Пандорината кутија. Беше обвинет дека можел да собере средства пред неколку месеци по многу поповолни услови и дека не се разбира во финансии. Колку и да не се разбира во финансии во даночната пријава поднесена во јуни годинава пријавено е купување на вила вредна 21,8 милиони долари што Фискер ја стекнал заедно со неговата сопруга, Грета Гупта-Фискер, која е и главен финансиски директор на компанијата за автомобили. Сега сé понервозните инвеститори чекаат позитивни вести од седиштето на компанијата. Зрак на надеж доаѓа од владата на Бајден, која неодамна ја објави целта за зголемување на уделот на електрична енергија во новите автомобили на 50 проценти до 2030 година.

Данецот Хенрик Фискер се прослави како дизајнер кој го потпиша изгледот на BMW Z8 па премина во Aston Martin каде дополнително ги разви дизајните на неговиот претходник Јан Калум. Фискер се префрли на алтернативни погони кога ја формира својата компанија. Го претстави хибридниот автомобил Karma но, слабо изработениот, скап и тесен седан пропадна. Сега обидот со електричните автомобили мора да успее и се игра на картата на Ocean. Доколку успее, тој ќе отвори пат за предвидените вкупно четири електрични модели до 2025 година.