Еден од најуспешните мали автомобили
Fiat Uno наполни 40 години. Беше претставен 1983 година во американскиот вселенски центар Кејп Канаверал, а на посебна церемонија и на претседателот на републиката Сандро Пертини. Го дизајнираше Џорџето Џуџаро, а кариерата ја започна со титулата „Европски автомобил на годината“. Меѓу повеќето нешта најмногу ќе го паметиме по моторите. Беше пионер на дизел технологиите во Б-сегментот, а искрите што ги фрлаше неговата турбо бензинската изведба и ден-денес жарат. Голем чекор беше направен при крајот на 1985-тата со Fire серијата агрегати кои беа првите произведени роботизирано.
Како јунак на времето кога Fiat беше закон за малите автомобили, Uno се произведуваше до 1995 година во Италија, а после тоа уште седум години во Полска. Производството му продолжи во Бразил, каде последниот примерок се симна од монтажните ленти во 2014 година. Затоа и со вкупно направените 8,8 милиони примероци важи за еден од најуспешните мали автомобили на сите времиња.