FIAT претстави пет интригантни концепт автомобили кои ќе влезат во производство во наредните години, базирани на иста глобална платформа.
Првиот човек на Fiat Оливие Франсоа ја претстави новата моделска стратегија на марката. Своето видео обраќање тој започна со модуларноста на конструкцијата која ќе овозможи создавање на пет нови модели засновани на идната Panda. Ќе бидат модерни, забавни за возење и технолошки напредни но суштински различни.
Првиот, наследникот на легендарната Panda, ќе се појави летово за време на прославата на 125 годишнината на марката но, ќе има поголеми димензии и сосема поинаков дизајн. Изгледот на Panda е инспириран од зградата Lingotto на Fiat во Торино која има овална тест патека на покривот. Во неа ќе има многу овални форми, особено во кабината со адекватни дисплеи и потпирачи за глава.
За новата Panda ќе биде искористена платформата од групацијата Stellantis која дозволува мотори со внатрешно согорување, хибриден или електричен погон. После Panda, секоја година премиера ќе има по еден нов модел со кои гамата на FIAT радикално ќе се освежи. Пикапот ќе има практичност за превоз на сé и сешто, удобност на обичен автомобил и компактност за користење во градски услови.
Ќе биде ориентиран кон купувачите со динамичен животен стил и чести активности на отворено. Fastback моделот со својата аеродинамична силуета ќе зрачи со спортски дух. Пристапот ќе биде младешки, со истакната агилност на механиката.
Се подготвува и кросовер кој би можел да ги исполни желбите и потребите на модерните семејства, пред сé со сестраноста, пространоста и робусноста. Како најпровокативен се јавува камперот кој ќе биде комбинација на повеќе возила во едно.
Со грубите стилски елементи, поголемиот клиренс и теренските пневматици ќе одговара на италијанскиот Dolce Vita стил на живот. Со еден збор, ќе биде автомобил кој ќе има душа.