Прославувајќи ја 40 годишнината на моделот, FIAT направи лимитирана серија на Panda 4×4
Кога се појави на пазарот во 1983 година FIAT Panda 4×4 веднаш стана хит. Едноставната форма, разумната опременост и погонот на сите тркала повлекоа лавина купувачи.
Тоа силно влијаеше и на останатите производители кои го следеа примерот на Италијаните. Но Panda 4×4 го сочува реномето задржувајќи 10% од сегментот А на возила со 4х4 погон. За своето 40 годишно постоење Panda 4×4 стана легенда. По тој повод FIAT направи специјално издание наречено 4×40° што ќе биде достапно само на четири пазари.
Производителот се нема изјаснето колку од планираните 1983 примероци ќе бидат распределени за домашните купувачи и оние од Франција, Швајцарија и Германија. Ограничената серија е офарбана во боја на слонова коска и персонализирана е со низа додатоци на каросеријата и во кабината. Тркалата се биколорни, насекаде е присутно логото 4×40° и забележлива е налепницата со силуетите на првата и актуелната FIAT Panda 4×4.
Во внатрешноста главен протагонист повторно е „слоновата коска“, боја во која е офарбан предниот панел и се наоѓа на материјалите на седиштата. На наслоните е испишано името на лимитираната серија проследено со годината кога почна да се произведува.
Ограниченото издание 4×40° е погодно и за оние кои го користат својот автомобил за возење вон асфалтот. Надополнет е со предни LED светла за магла, затемнето стакло, предни црвени куки за влечење, црни шини на покривот, елементи кои го истакнуваат авантуристичкиот изглед.
За да обезбеди пријатно возење FIAT Panda 4×40° е опремена инфозабавен систем со 7 инчен екран осетлив на допир, автоматска клима, електрични ретровизори што се загреваат, сензори за самрак и дожд и задни сензори за паркирање.



