Европа стана милионер
Ај честито милионот, прв од многуте што ќе следат!
Објавено на 29 август 2018 година
И официјално, бројот на електрични автомобили во Европа достигна милион, благодарејќи на растот на продажбата за преку 40% во првата половина од оваа година. Треба да се напомене дека според статистичарите, како електрични се сметаат и plug-in хибридните возила. Лидер на пазарот и понатаму е Норвешка, со најмногу возила кои циркулираат на нејзините патишта без да трошат фосилни горива. Оваа земја која е голем производител на нафта за електричните возила обезбедува огромни субвенции и олеснувања. Забрзан раст на продажбата се забележува и во Германија, која веќе до крајот на годинава може да ја престигне Норвешка по бројот на продадени електрични возила.
Европа во овој сегмент доцни година дена зад Кина, но е пред САД, каде првиот милион електрични возила се очекува да се достигне при крајот на годинава, благодарејќи исклучиво на Tesla и зголемувањето на производството на Model 3. Се проценува дека на патиштата на Европа се тркалаат вкупно 300 милиони возила.