EuroNCAP наведува дека иако камионите сочинуваат помалку од три отсто од возилата на европските патишта се одговорни за дури 15 отсто смртни случаи главно заради многу поголемата километража што ја поминуваат.
Фактите велат и дека само 11 отсто од жртвите во несреќите на тешките возила се возачите или патници во нив, додека 89 отсто се останатите учесници во сообраќајот. Затоа и како директива се наметнаа безбедносните карактеристики кон другите, посебно пешаците и велосипедистите.
Од таа причина освен ѕвездички се доделува и таканаречена CitySafe акредитација на возилата кои имаат технички решенија за спречување на несреќите и намалување на последиците од нив во градовите и урбаните средини. Во тестирањата кои заради обемноста беа спроведени во повеќе испитни центри беа опфатени девет долголиниски влекачи од седум производители.
Од нив два добија по пет а еден само една ѕвездичка – останатите имаа по три или четири ѕвездички. Апсолутно најдобри меѓу сите се покажаа Volvo FM и FH Aero кои единствени ги освоија максималниот број ѕвездички, додека пак Iveco разочара бидејќи испораката на нивните камиони од новата генерација подготвени најдобро да се справат со безбедносните ризици сé уште не е започната и беше тестиран стариот модел.
Изненадувачки лоша оценка за избегнување судари доби DAF XF, но затоа брилираше во безбедноста во возењето сместувајќи се за влакно под најдобриот на тестирањата. Генерално, дури и не така деталниот преглед на резултатите покажува дека кај безбедноста на камионите има уште многу простор за унапредување заради што од EuroNCAP најавија дека во догледно време ќе бидат додадени нови категории за оценување а од 2030-та ќе се спроведуваат и судари меѓу камиони и автомобили.