Визионер или манипулатор?
Најбогатиот човек на светот под голем притисок за своите неостварени ветувања
Илон Маск е познат по своите визии и смели ветувања кои не се остваруваат во најавениот рок. Тој пред самиот крај на 2021 излезе со тврдења за иднината на своите возила кои би требале да се реализираат во тукушто започнатата година. Илон Маск е мајстор за ветувања, па изјавата дека револуционерната технологија „доаѓа наскоро“, но реалноста е сосема поинаква. По се изгледа дека тие се дел од неговото мајсторско манипулирање со акциите на компанијата. Во повеќе наврати Tesla ги пропушти роковите за повеќе ветени продукти што доцнат со години. Помпезно најавуваниот модел Cybertruck веќе доцни скоро две години, а треба да се потсетиме на некои ветувања дадени пред подолго време. Ќе ве потсетиме на неколку примери. Маск вети во 2016 дека за две години, значи во 2018 г, ќе лансира автомобили со потполно автономно возење.

Уште свежо е сеќавањето на изјавата дека до 2020-та ќе има еден милион роботакси на патиштата како и безброј одложени лансирања на модели како Roadster, Semi и Cybertruck. Наместо да поставува пореални рокови за овие проекти, Маск честопати ги удвојува своите тврдења. Токму тоа го направи најбогатиот човек на светот минатата седмица кога му беше поставено прашањето кога ќе биде реалност автономното возење од четврото ниво? Тој ладнокрвно одговори „Се чини многу веројатно дека ќе биде следната година“. Со оглед на тоа што Tesla сè уште го нема усовршено нивото 3, ова тврдење во најдобар случај може да се смета за сомнително.

Изгледа дека тврдењата на Маск се засноваат на претчувство, а не на конкретни податоци и се во функција на „пумпањето“ на вредноста на акциите на компанијата. Во интервјуто, тој нагласува дека технологијата напредува и следејќи го овој тренд, веројатноста за несреќа во Tesla Model S опремен со софтвер за целосно самостојно возење ќе биде помала од онаа на просечниот возач. На тоа се надоврза следното упатено прашање што го дефинира „просечниот“ возач? Веќе имаше неколку несреќи при користење на недоволно развиеното ниво 3, па можеби тоа не е доволно за да биде системот подобар од „просечниот“ возач. Tesla моментално е само на Ниво 2, каде што возилото се справува со управувањето и забрзувањето/забавувањето, но сепак бара интервенција од возачот. Ниво 3 постои само во еден модел на Honda во Јапонија, додавајќи ја способноста за донесување емпириски одлуки, како што е поминување побавно возило. Ниту едно возило што се продава во САД во моментов нема Ниво 3, така што е основано сомневањето дека Маск ќе ја помине оваа фаза брзо.

Автомобил на Ниво 4 на автономно управување во главно вози и донесува одлуки сам и бара многу мала интервенција од возачот. Иако амбалажата на Tesla FSD (Full Self Drive) изгледа како да е на Ниво 4, сепак бара премногу корекции од возачите и не може да се смета за толку напреден. Плус, ако Тесла официјално го назначи FSD како Ниво 4, ќе биде ставен под уште поголема контрола од регулаторите. И покрај првично ветувањето за самостојно возење на Ниво 5 во 2021 година, кое вклучува автомобил без волан или човечки контроли, Tesla призна дека се уште е далеку од постигнување на оваа цел. Врз основа на независните тестови на софтверот FSD на Tesla, основано е да се сомневаме дека има каков било начин Маск да го одржи ова ветување за четвртиот квартал на оваа година.


