Електронска криза

Занимливости

 

Следува ли ”Factory reset“?

Недостатокот на чипови ја кочи авто индустријата

објавено 21. мај 2021

И покрај оптимизмот што владее во авто-индустријата, аналитичарите излегоа со нови поцрни прогнози. Недостатокот на чипови годинава ќе го намали обемот на глобалното производство на возила за скоро 4 милиони. Менаџерите на компаниите засега балансираат со количините што ги имаат на располагање, распределувајќи поголеми квоти за производството на помалку опремените и поевтините модели. Затоа и се очекува приходите да им бидат намалени за дури 110 милијарди долари, што е двојно повеќе од претходната проценка. Сé почести се барањата во надминувањето на кризата директно да се вклучат владите на земјите големи производители на возила.

Во Америка се смета дека претседателот Бајден треба да се повика на патриотскиот акт со кој државата може да нареди на некоја компанија што да произведува и кому тоа да му го продава. Лани тоа го стори Трамп наложувајќи на индустријата да започне со производство на респиратори. Дали и сега тоа ќе се случи нема индикации, но факт е дека авто-компаниите сами се виновни што немаат чипови. Тие на почетокот на пандемијата ги откажаа нарачките, во исто време кога побарувачката за куќна електроника нагло порасна. За надминување на проблемот потребна е изградба на нови фабрики, за што ќе требаат најмалку две години и многу милијарди долари. Во меѓувреме овој проблем ќе предизвикува поледици какви што никој не можеше да претпостави. Една од нив е поскапувањето на половните возила, бидејќи купувачите не можат да дојдат до нови. Така во Америка просечната цена на половните возила во последниве 12 месеци порасна за цели 21 отсто, а на новите за само 2 отсто. Во Австралија пак заради предолгите листи на чекање, Suzuki Jimny стар две до три години се продава поскапо од нов.