Според извршниот директор на Volvo, поради експанзијата на кинеските електрични возила некои традиционални производители нема да ја преживеат.
Хакан Самуелсон, кој има огромно искуство во автомобилската идустрија, има песимистички предвидувања. Според него, електрифкацијата е неизбежна и ќе ги направи БЕВ поевтини во рок од една деценија. Тој верува дека некои западни производители на автомобили нема да успеат да се прилагодат и би можеле целосно да исчезнат. Самуелсон беше на чело на Volvo десет години, по што, во 2022-та, се повлече од функцијата и замина во пензија.
Повторно е повикан годинава да ја води компанијата на рок од две години за да ја извлече од немирните води на транзицијата. Повеќето западни производители се откажаа од својата посветеност да станат производители само на БЕВ до 2030 година, меѓу кои и Volvo. Своите завети ги ревидираат сé повеќе брендови, а најновото откажување доаѓа од Opel, а наскоро се очекува дека тоа ќе го обзнанат и останатите европски членки на Stellantis.
Но и покрај тоа, Самуелсон тврди дека електричните возила се патот напред, дури и ако на индустријата ѝ треба малку подолго време отколку што првично се предвидуваше за да го направи преминот. Volvo ги гледа приклучните хибриди како важен мост кон БЕВ додека инфраструктурата за полнење електрични возила не се прошири и ќе помогне во преживувањето на западните брендови.
Како што електрификацијата почнува да расте, а брендовите од Кина се етаблираат како сериозни глобални гиганти, многу веројатно е некои западни производители на автомобили да пропаднат вели Самуелсон. Тој верува дека „нема враќање назад“. Можеби ќе потрае малку подолго во некои региони, но насоката е јасна. За околу 10 години, сите автомобили ќе бидат електрични и ќе бидат со пониска цена. Ќе има нови доминантни играчи, како што беа Ford, GM, Toyota и Volkswagen. Во новиот свет, вели Самуелсон, ќе има два или три многу силни кинески брендови.
Тоа значително ќе ја комплицира положбата на традиционалните производители и ќе предизвика бран на реструктуирање. Некои компании ќе се прилагодат на новите околности и ќе преживеат, други нема. Самуелсон напомена дека кинеските брендови веќе сочинуваат повеќе од половина од пазарот во Кина и засилено пенетрираат во Европа. Тоа врши притисок врз Европејците и Американците, кои се натпреваруваат во сè помал дел од пазарот, додаде тој. Кина, без разлика дали ни се допаѓа или не, ќе биде многу голем играч во автомобилската индустрија во иднина, не само во Кина.


