Електрични тротинети – црни бројки

Вести

Загрижувачки биланси

Популарните лични градски транспортери се високо ризични

објавено 30. март 2021

Со затоплувањето сообраќајот станува погуст благодарение на сезонските лични транспортни средства. Едно од најпопуларните и најевтините се електричните тротитинети чии сопственици неадекватно се однесуваат во сообраќајот. Таквото неодговорно однесување го регистрираме сѐ почесто, но во Германија постои статистика која покажува алармантни бројки. Според Федералниот завод за статистика, полицијата регистрирала 2155 инциденти од ваков вид што е учество од 0,8 проценти во сите пријавени сообраќајни незгоди со телесни повреди во Германија. Животот го загубиле пет лица, 386 биле тешко, а 1.907 биле полесно повредени. Третина од незгодите се судири со автомобил. Повеќе од 80 проценти од жртвите биле самите возачи, над една третина од нив на возраст под 25 години. Во 644 од 1.553 случаи, причина за несреќата се грешки при возење во кои корисниците ја изгубиле контролата врз тротинетот. Тројца од петмината смртно настрадани корисници на е-тротинети загинале без никакво надворешно влијание. Особено загрижува фактот што скоро секој петти настрадан корисник на е-скутер бил под дејство на алкохол! Тоа е двојно повеќе отколку алкохолизираните велосипедисти или управувачи на мопеди. Втора најчеста причина е „лошото однесување“ и неправилната употреба на коловозот или тротоарите. Сите незгоди биле проследени со неприлагодена брзина на движење. Затоа, доколку користите е-тротинет совесно почитувајте ги сообраќајните правила и регулативи кои се пропишани и кај нас.