Ексклузивно – KGM Torres EVX – Прво возење

По покана на Ратола Груп, застапникот на KGM за Македонија, Бугарија, Косово и Албанија отпатувавме во Истанбул на ексклузивното тест возење на Torres EVX, електричниот првенец на корејската компанија кој ќе дојде во Европа при крај на летото.

Што е Torres EVX?

Електричната верзија на теренецот Torres отвора ново поглавие за компанијата која наполни 70 години. Од пред две години Ssangyong е во сопственост на корпорацијата KG која има амбициозни планови. Ssangyong е добро познато име, присутно на нашиот пазар три децении во неговиот претходен живот. Сега оваа компанија го смени името во KGM. Новите сопственици на компанијата сакаат да го искористат теренското наследството насочено кон одржување на долго негуваните вредности на производите.

Планот е цврсто да го втурнат брендот во мејнстримот, со амбициозен план за речиси тројно зголемување на глобалниот волумен на пласман на 320.000 единици во 2026 година. Во согласност со таа определба, KGM воведува цела нова палета на теренци во различни форми и големини. Целта е значително да го прошири својот пазарен дофат и да внесе нов дух во своите модели. Сè започна со KGM Torres, семеен кросовер долг 4,7 метри, со 1,5-литарски бензински мотор. Сега се соочуваме со неговата електрична верзија EVX, која според димензиите и големината на батеријата треба да се натпреварува со Škoda Enyaq, Volkswagen ID.4  и со други кои допрва треба да пристигнат на нашиот пазар. Torres EVX има своја персоналност и додадени дизајнерски елементи кои го одвојуваат од бензинецот.

На прв поглед

EVХ можете да го препознаете од братот со класичен погон првенствено по неговиот преден дел, кој го отстранува малку лутото лице во корист на поелегантен, почист распоред со карактеристични шест отвори кои се дел од решетка. Истиот рецепт е применет на задниот дел каде, повторно се интегрирани, шест отвори. Овие отвори всушност се дел од симболите на Кореја и ги обележуваат Сонцето и Месечината.

Torres EVX дизајнерски отскокнува од останатите возила во оваа класа со изразениот „дух на авантура“ со карактеристична фигура и нагласени остри рабови што го одвојува од сите понудени електрични кросовери. Има елементи каде што се чини дека дизајнерите биле премногу отворени во преземањето влијание од постоечките дизајни, но како целина успева да издлаби кохезивен и главно пријатен нов изглед за новата ера. Како и со неговиот брат на бензин, Torres EVX е олицетворение на трикот на KGM да ги избрише помалку корисните елементи на репутацијата на Ssangyong од колективната меморија. Во внатрешноста има многу простор, па дури и на задната клупа. На крајот на краиштата, зборуваме за возило кое е доволно големо да собере седум патници, но има само пет седишта.

Секој ќе има доволно простор за главата, колената и нозете. Доколку некој седи на средното задно седиште ќе мора да се справи со подигнатиот тунел за пренос што минува низ средината на автомобилот, но тоа веројатно нема навистина да пречи. Багажникот е исто така масивен. Нуди 703 литри и дополнителен простор под подот за складирање на кабли. Тоа е повеќе од 100 литри во однос на она што ќе го најдете во Enyaq, но штета е што KGM ја нема филозофијата на Škoda и врвниот пристап на практичноста на багажниот простор. Вo Torres, за жал, KGM не сметаше дека е соодветно да понуди никаква помош за складирање, како што е мрежа за товар, закачалки за кеси или граничници за помали торби. Тука добивате огромна кутија во која ќе ги оставите предметите и потоа ќе ги слушнете како се тркалаат наоколу.

Зад управувачот

Контролната табла, централната конзола и рачките на вратите се обликувани во бруталистички стил што е далеку од безличните и донекаде непријатни ентериери на Ssangyong во минатото. Декорирањето е многу попримамливо, со убедливи облоги со метален ефект и вештачка кожа на секоја точка на допир, како и избор на соодветно луксузни материјали и бои за тапацирот.

Амбиетот во внатрешноста со занемарливи зафати го одвојува EVX од бензинската верзија на Torres. Доминираат два дисплеи од 12,5 инчи кои се јасни и со висока резолуција. Но, интерфејсот има премногу недостатоци со оглед на количината на функции на возилото што се очекува да ги контролирате преку него. И како дел од поднослива  иронија, Torres EVX сигнализира за да ве предупреди на ограничувањата на брзината, заморот на возачот и невниманието, но сепак бара од вас да го отргнете погледот од патот на централниот екран ако сакате да ги смените режимите на возење. Софтверот прилично бавно реагира и лесно се преоптоварува, но тоа што ви е најпотребно го прави во целосна функционалност.

Менијата се распоредени многу пологично отколку кај многу предигитализирани ривали, со напомена дека изборот за режимите на возење требало да биде поедноставно решен. Сепак, вклопувањето и финишот во кабината е огромен чекор напред за брендот порано познат како SsangYong. Меки материјали на допир во многу клучни области, текстурирани пластики за прикривање на поцврстите материјали… Ќе отидам дотаму што ќе го наречам амбиентот во кабината пријатен исто колку и просторен.

Што го движи Torres EVX?

Кога KG стана сопственик, Ssangyong се базираше само на класичниот погон. Неполни две години не се доволни да се развие сопствена платформа и погон, па на помош беа повикани комшиите, најголемиот светски производител на возила на нова енергија. Така кинескиот BYD го испорачува комплетниот погон.

Електро моторот е поставен напред заедно со менувачот. Батеријата „Blade“ што го напојува сместена е во подот, има нето капацитет од 73,4 kWh и таа обезбедува автономија од 450 километри. Максималната брзина на полнење е 145 kW и ја полни батеријата од 10 до 80 проценти за 37 минути. Исто така, KGM ја напоменува структурата LFP (литиум-железо-фосфат) на батеријата, која е многу попогодна за репететивни брзи полнења, што е добра предност. По 2000 циклуси на брзо полнење, компанијата вели, очекува употребливиот капацитет да остане на повеќе од 70%.

Европа-Азија-Европа

Маршрутата водеше низ Истанбул, преку новиот мост на Босфор во Азија и назад. Интересно за мене беше поминувањето низ старите истанбулски маала низ кои не водеше навигацијата. Некои покрај море, некои на брдо, некаде тесни и непрегледни улички, некаде долги тунели низ кои итаа возила. Тоа доживување траеше повеќе од 25 километри каде и ги почуствував првите карактеристики на Torres EVX. Токму тука до израз дојде неговата добра звучна изолација и управливост.

Механички ништо недостасува. На неколку пати навигацијата доцнеше со своите информации и во последен момент успевав да ја следам вчитаната рута. И тука самиот се прејдов себеси. Навигацијата ме водеше до приклучувањето на мостот преку кого ја напуштив Европа и влегов во Азија. На новиот автопат, каде дозволената брзина беше 140 км/ч, не се воздржував туку сакав да почуствувам како се однесува првенчето на KGM. Неговите 204 коњи и прилично смирено забрзување, од 0-100 км/ч од 8,1 секунди, се погодни за воздржани возачи. Ми се допадна како лежи на патот давајќи чувство на удобност, добра амортизација и управливост. Успеав да фатам темпо од 160 км/ч кога во ушите доаѓа зголемен шум од ретровизорите и пневматиците. Тоа е во граници на разбирливост.

Азијска каша…

Навигацијата ми ја покажуваше рутата, а јас ги следев инструкциите. И така по добри 45 минути завршува автопатот и јас добивам сугестија да завртам полукружно. Тоа и го направив. Со моите сопатници помалку станавме скептични.

На брифингот ни е кажано дека од појдовната точка до местото за освежување има 87 километри, а јас веќе извозев 180! И во таа измината маршрута цело време беше активна недокваканата електроника. Имено, на секое газење на сообраќајната лента интерфејсот за надзор на возачот резонира дека сте уморен и веднаш сугерира да застанете и да се одморите. Тоа се случи, да бидам скромен, околу 300 пати што на сите ни одеше на нерви. Елем, така си возам по автопатот, повторно следејќи ги инструкциите на навигацијата и повторно утка! Пристигнувам на истанбулскиот аеродром, повторно место каде не требаше да бидам во тој момент.

Поминати 280 километри. Поголемиот дел на автопат и со темпо на возење далеку од препорлачливо за економично возење електрични возила (читај над 140 км/ч). Ајде нема замерка, тука сум да го возам Torres EVX. По неколку повици утврдуваме дека некој од организаторите на настанот не ја вчитал правилната рута и да внесеме нова адреса. Тоа и го сторив и ете тонч! Од позицијата до новата точка оддалечен сум 87 километри, мене борд компјутерот ми покажува дека имам струја за уште 74. Аха, сега сум во електрична каша. Очајно ја внесов рутата до хотелот која покажа дека е оддалечен 64 километри. Ми олесни и повторно на автопат.

Враќање во Европа

Овој пат возев умно и под дозволената брзина, а често ги користев лопатките зад воланот за да го зголемам нивото на рекуперација. Силата на обновување има три нивоа. Во најсилното неможе да се каже дека можете да возите без асистенција на сопирачките, но значително ја намалува брзината на движење.  Однесувањето на Torres EVX беше на висина на задачата, дури и во делниците што ги поминавме низ лошите рурални алтернативни патишта на нашата турска пробна рута. Дури е тивок на нерамнините и дупките. Се покажува незрелост при силни маневри, на влажен рурален колосек, задните тркала почнуваат да го губат правецот и да пливаат, а потоа им се приклучуваат и предните. Убеден сум дека тоа е поради несреќниот избор на пневматици. За среќа тоа не е неконтролирано.

А бидете сигурни дека на големиот дисплеј повторно ќе ви се појави сигналот дека ви е потребен одмор. По мојот рурален излет, организиран од кого друг, туку од навигацијата, се вратив на автопатот и потоа, повторно преку мостот, во Европа. Тука ме дочека вообичаениот гратски метеж каде низ главните артерии на градот кои бројат и по пет ленти вриеше од возила. По добри 10 километри борење  се одвоивме во помирниот и отмен дел на Истанбул, населбата Тарабаја покрај Босфор. Конечно пристигнав во хотелот. Поминав 320 километри и имав струја за уште 20.

Заклучок

Евидентно е дека Torres EVX, иако го користи погонот и батеријата од BYD, има своја персоналност. Ова е прв електричен кросовер со значката на KGM и нормално е што покажува детски болести. Судејќи според прикажаното тие бргу ќе бидат прележани и надминати. Ова најмногу се однесува на електрониката поврзана со асистенцијата на возачот која треба да биде подобро калибрирана.

Предноста на Torres EVX е просторноста и солидното однесување во возењето. Автономијата му е во рамките на очекуваното, а тоа што поминав 80 километри помалку од декларираното се должи на стилот на возење, особено на автопат, каде повеќе од 100 км возев со темпо од 160 км/ч. Сликата за Torres EVX ќе биде комплетирана кога ќе се дознае цената, некаде со неговото официјално пристигнување на европскиот пазар во текот на летните месеци. Според дистрибутерот на KGM, на нашиот пазар реално е да го очекуваме во четвртиот квартал на годината. А тогаш, се надевам дека ќе имам шанса да го возам повторно. Се надевам дека до тогаш многу работи ќе бидат испеглани.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER