Еден од најубавите баварски модели
Има ли подобро место за претставување на нов топ-модел отколку 24-часовната трка Леман?
Објавено на 21 јуни 2018 година
Новата серија 8 на BMW како концепт ја видовме на езерото Комо на фасцинантната Concorso d’Eleganza Villa d’Este манифестација и беше прашање колку од нејзините смели линии ќе бидат задржани и кај серискиот модел. Храброста сепак надвладеа и дизајнерите на BMW успеаја да се изборат за својот став. Измените се благи и очекувани и цртите на купето верно се пренесени низ процесот кој често знае да ги убие основните идеи на дизајнот. Така ова купе во целиот свој сјај е отелотворение на бескомпромисната динамика и современиот луксуз, што всушност се и суштинските карактеристики на сите модерни возила на BMW. Според првите коментари, BMW серија 8 дури изгледа и подобро од концептот. Некои тврдат дека е еден од најубавите модели на баварскиот производител во последно време. Одлуката дали навистина е ќе ви ја оставиме вам а ние ќе се префрлиме на механиката, која е заедничка со сериите 5 и 7. Тоа значи дека во конструкцијата е употребено многу алуминиум, магнезиум и јагленородни влакна, така што тежината на најсилната верзија е задржана под два тона. На габаритите не е штедено – должината на новата серија 8 изнесува 4,84, а широчината 1,9 метри. Вообичаените коментари околу пространоста на внатрешноста ќе ги изоставиме – место нив ќе кажеме дека зафатнината на багажникот изнесува дури 420 литри.
За почеток, BMW соопшти дека носител на гамата ќе биде M850i xDrive верзијата за која е наменет 4,4 литарски твин-турбо V8 мотор со 530 коњски сили. Помоќен од досегашните агрегати, тој ќе го забрза ова купе до 100 километри на час за 3,7 секунди. Типично германски максималната брзина е ограничена на 250 километри на час, исто како и моделот 840d xDrive. Колку и да звучи контра трендовите, BMW верувајќи во својата дизел технологија сепак се одлучи да понуди и ваква верзија на серијата 8. Во своја одбрана Баварците наведуваат дека трилитарскиот шестцилиндричен агрегат со 320 коњски сили е способен за забрзување до сто на час за 4,9 секунди, но и дека просечно троши околу 6 литри на 100 километри. И двата мотора се спарени со 8-степен автоматски менувач, а адаптивното ослонување и управувањето на сите четири тркала е сериско. Исто и активниот заден диференцијал, големиот централен дисплеј, мноштвото електроника и цената која ќе биде шестцифрена.
Проширувањето на баварската гама во највисокиот дел од понудата ќе продолжи со кабриолет и вистинската М-верзија на серијата 8 со повеќе од 600 коњи, а доста извесно е и дека ќе биде понудена како Gran Coupe со четири врати. За задоволување на амбициите кои досегаат до лидерското место во луксузниот сегмент треба да се погрижи V12 агрегатот, кој сé уште не е потврден. Продажбата треба да започне наесен, најдоцна до ноември.