Се враќа ли француската марка на своите исконски корени?
Дури и оние помладите добро знаат кои беа Citroen DS, CX и сличните авангардни модели на француската марка која својот имиџ го изгради на инаетењето со целиот свет па дури и со себе – да направи нешто што никој не се осмелуваше. Затоа и сега со право го поставуваме прашањето дали со новиот №8 ќе се врати на своите исконски корени. Одговорот лежи скриен длабоко во технологиите на моделот кој дизајнерски е токму таков каков што треба да биде – чуден, на граница на прифатливост.
Во основа е SUV-купе но само за оние кои можат либерално да го интерпретираат значењето на овој во новото доба склепан термин. За сите други тој е лимузина во лифтбек издание со визуелно нагласени стилски детали кои треба да ја истакнат робусноста. Авангардноста се огледува во тоа што наместо маска има плоча со динамичко осветлување и логотип на брендот чиј овој модел е осми по ред заради што и ја има токму таа ознака.
Димензиите се на ниво на премиум лимузините од горната средна класа – должината изнесува 4,82, широчината 1,9 а височината 1,58 метри, додека меѓуоскиното растојание му е растегнато на 2,9 метри. Дизајнот на ентериерот е футуристички инспириран од луксузните јахти. На предната табла се наоѓаат два засебни екрана, инструмент-таблата од 10,25 и мултимедијалниот систем од 16 инчи, а посебно внимание привлекува четирикракиот управувач со необичен дизајн.
Втемелен на STLA Medium модуларната платформа со 400-волтна електрична архитектура, DS №8 ќе се нуди во три верзии. Основна има електромотор на предната оска со 230 KS и батерии со капацитет од 74 kWh доволни за 572 km според WLTP циклусот. Верзијата Long Range има малку посилен мотор од 245 KS и поголеми батерии од 97,2 kWh кои овозможуваат автономија од дури 750 km. Топ моделот пак може да се пофали со два електромотора со 350 коњи кои ќе го забрзаат до 100 километри на час за 5,4 секунди, додека истите батерии ќе издржат 686 km. Максималната брзина на сите верзии е ограничена на 190 km/h. Заради турбуленциите на пазарот можно е во иднина да се појават и хибридни верзии.
Сериското производство планирано да се одвива во Италија ќе започне за некој месец, а во продажба ќе се најде налето. Засега е позната цената само на средниот модел – околу 65.000 евра.