Пеколно силен и ѓаволски брз!
Dodge го направи забранетиот чекор и, одејќи таму каде што никој претходно не се осмелил, претстави автомобил кој директно води до портите на пеколот.
Во името симболично му е содржан зборот Demon, но тој е повеќе од тоа. Се работи за луда изведба на Challenger, кој пред планираниот пат кон пензионирањето ги почести своите поклоници со нешто што цел свет ќе го памети. Потврда за тоа се бројките од кои онаа за коњските сили остава без здив – ги има точно 1.025 кои достојно треба да ги испратат американските мускулести автомобил во историјата.

Секако дека после нив ќе дојдат други задвижувани на струја, но ним ќе им недостасува најбитното – октанскиот грмеж на 6,2 литарскиот компресорски V8 мотор кој работи на етанол. До колку се користи стандарден бензин тој ќе биде во можност да испорача само 900 коњски сили, а без разлика колку се сите тие се пренесуваат на задните тркала преку осумстепен автоматски менувач.
Свиоците не му се по волја и на нив не може да биде побрз од најевтиниот автомобил што може да се купи, но затоа на правец вози толку бргу што и самиот ѓавол ќе се исплаши. Од Dodge велат дека четвртина милја ќе помине за 8,9 секунди и дека до 60 милји на час ќе забрза за едвај 1,66 секунди, што е на најмалата бројка забележана било кога кај некој сериски модел.
Доказ колку сето ова звучи екстремно е сериската опрема на Dodge Challenger SRT Demon 170 како што му е полната ознака, која вклучува рол-бар и падобран за запирање. Истовремено заради намалување на тежината тој доаѓа без задна клупа, звучна изолација и тапацир во багажникот. Интересно е дека освен по пневматиците и поголемиот отвор за воздух на хаубата тој однадвор не се разликува многу од стандардниот Challenger со основниот V6 мотор.
Ќе бидат направени точно 3.300 примероци од ова чудовиште од автомобил чија цена ќе стартува од точно 96.666 долари. Токму последните цифри и симболично го навестуваат карактерот што го има.


