Колку е голема популарноста на Dacia во Европа сведочи и веста за обновувањето на целата гама која се проби низ медиумите иако беше објавена во сенка на провокативниот концепт Hipster
Измените се мали но суштински и со нив се опфатени многу детали во возилата, некаде помалку некаде повеќе. Однадвор главно се однесуваат на естетиката која е облагородена со други светла, маска и браници. Така Sandero, Logan и Jogger добија нов светлосен потпис во облик на свртена буква Т по углед на Duster, а назад светла со пиксел ефект. Кај Stepway пак покрај тоа робусноста е истакната и со пластичните облоги на крилата, заштитата на подвозјето и рамките на светлата за магла изработени од нов поцврст материјал.
Во ентериерот се среќаваат нови елементи, а инструмент табла и вратите се обложени со поиздржливо и поквалитетно платно. За подобра ергономија заменет е и управувачот а верзиите со автоматски менувач имаат џојстик место рачка. Опременоста е збогатена со нов мултимедиски систем, безжично полнење на телефон, автоматски долги светла и друго а дигиталната инструмент табла има освежен дизајн. Сите модели добија систем за автоматско запирање во итни случаи со препознавање на пешаци и велосипедисти како и детекција на замореноста на возачот.
Stepway и Jogger добија хибридни верзии со 1,8 литарски бензинец и два електромотора кои испорачуваат 155 коњски сили, Eco-G верзијата на авто-плин сега има 120 коњи и автоматски менувач а трицилиндричниот еднолитарски мотор од 90 е засилен на 100 коњски сили. Посилни електромотори доби и Spring – место досегашните 45 и 65 тие сега развиваат 70 односно 100 коњи со што забрзувањето е значително подобро. Структурата на каросеријата е поцврста, зголемен е и капацитетот на батериите но не и цената која стартува од 16.900 евра.