Безобразно атрактивен
Концептниот SUV кој ја покажува иднината на новата шпанска марка има 306 KS и е подготвен за премиера во Франкфурт
Објавено на 3 септември 2019 година
Cupra реши вистински да ги покаже забите и дефинитивно да тргне по различен пат од Seat. Задачата за тоа ќе ја има новата визија за иднината на марката во облик на електричен SUV концепт со безобразно атрактивен дизајн. Називот Tavascan го има добиено според едно мало селце на падините на Пиринеите, а темпераментот од иновативната MEB платформа и трите електромотори со вкупно 306 KS. Тоа во пракса значи забрзување до сто за 6,5 секунди и автономија од импресивни 450 km според новиот и построг WLTP циклус. Батериите од 77 kWh се интегрирани во подот за да се добие пониско тежиште, а со тоа и подобри возни карактеристики.
Прилично футуристичкиот изглед на Tavascan се истакнува со тенки ЛЕД светла, масивни 22-инчни тркала со облик на турбина и ниско сместено и осветлено лого. Назад се забележуваат атрактивните и поврзани LED светла во кои исто така е вкомпонирано логото на Cupra. Во внатрешноста во која можат да се сместат четири лица доминираат атрактивно дизајнираниот управувач, 12,3-инчниот дигитален кокпит и 13-инчниот централен екран, а за целосен впечаток се грижат амбиенталното осветлување и мноштвото алкантара.