Продажбата на Cupra се зголеми за 33,4 проценти додека на ЅЕАТ се намали за 21,4 проценти.
Она што се најавуваше во раните почетоци на марката се оствари доста брзо. Cupra како компанија се формира 2018-та, а нејзиниот прв модел Formentor на пазрот дојде две години подоцна.
Значи, по само пет ефективни години, Cupra успеа да го надмине во продажба својот донатор ЅЕАТ. Во првите шест месеци на годинава Cupra продаде 167.600, додека ЅЕАТ прокнижи 135.000 возила. Продажбата на шпанската автомобилска групација со тоа се зголеми за 1,7 проценти во споредба со истиот период минатата година и забележа обрт од 7,6 милијарди евра, што е помалку за два проценти споредбено со истиот период во претходната година.
Сепак, промените во продажниот микс, царините на ЕУ за Cupra Tavascan произведен во Кина, трошоците за производство и засилената конкуренција на клучните пазари значително го намалија резултатот. Профитот изнесуваше 38 милиони евра. Ова е речиси 91 процент помалку отколку во првите шест месеци од претходната година, но сепак 33 милиони евра повеќе во вториот квартал отколку во првиот квартал годинава.
Планираното привремено намалување на производството во главната фабрика во Марторел, како дел од пренамената на локацијата за производство на семејството на урбани електрични возила на Volkswagen Group во 2026 година, исто така, имаше негативно влијание врз заработката. Cupra Formentor остана бестселер на компанијата во првите шест месеци од 2025 година, со продадени 54.700 единици.


