Continental Winter Contact 850P :: Релаксирано патување наместо неизвесна авантура

Релаксирано патување наместо неизвесна авантура

Само неколку дена по монтирањето на зимските пневматици на Opel Insignia која е на годишен тест во нашата редакција, добивме шанса да ги испробаме во услови за кои се наменети
Објавено на 19 ноември 2018 година

Нашиот избор се Continental Winter Contact 850P во димензија 245/45 R 18, истата онаа како кај летните пневматици. За важноста за употреба на адекватни пневматици за метеролошките услови е пишувано на долго и широко но вреди да се потсетиме на неколку факти. Прво и основно за зимските пневматици е дека тие се произведуваат со смеша која го задржува еластичноста на ниски температури (од 7 степени Целзиусови па надолу) што е од пресудна важност за припојувањето на шарата со подлогата. Дизајнот на ламелите е засилен со канали кои се конструирани за испумпување на водата и исфрлање на снегот од шарата, со што се минимизира ризикот од аквапланинг (воден клин) или пак лепење на снегот по должина на нагазната површина на пневматикот што влијае на управливоста, а со тоа на безбедноста.

Идиличната зимска атмосфера е кошмар за возачите…

Овие два факти ги потврдивме во текот на викендот во кого добро ги „разгазивме“ нашите 850-ки. Во извозени повеќе од 400 километри ги доживеавме повеќето зимски сценарија. Во саботата бевме на фестивалот на „Младо вино“ организирано од најстарата и најголема винарска визба на Балканот. До Тиквеш и назад до Скопје возевме по суви коловози и температура од околу шест степени Целзиусови. Освен што е забележителен зголемениот комфор при возењето во однос на летните пневматици ми се допадна управливоста и пренесувањето на забрзувањата на асфалтот. Атмосферата во винарската визба Тиквеш моите сопатници многукратно ја интезивираа со аромата на младите вина кои наговестуваат дека следната година ќе биде одлична за домаќините. Поради обврската за возење јас само успеав да уживам во мирисите. Враќањето во Скопје по сувите патишта беше рутински и без никакви изненадувања при брзини малку поголеми од пропишаните. За пофалба беше и тивкоста со што не може да се пофалат повеќето зимски пневматици.

…но не и за оние со адекватни зимски пневматици

Последниот ден од викендот беше далеку по идиличен. Упатен кон Маврово очекував да ги доживеам возбудувањата типични за возење по првиот снег. До Гостивар поради дождот подлогата беше мокра, а поради „квалитетот“ на нашите патишта имаше многу ударни дупки и бразди во асфалтот замаскирани со вода. Тука се почувствува Continental Winter Contact 850P како одлично решение. Ниту во најдлабоките бразди исполнети со вода не се јавуваа симптоми на аквапланинг, а единствена грижа ми беше со која брзина да ги ангажирам бришачите на ветробранското стакло. Веќе од одвојувањето кон Маврово можев да ги почувствувам благодетите на смешата од која се направени пневматиците, бидејќи термометарот ја покажуваше нулата. По коловозот имаше остатоци од штотуку напаѓан и раскашавен снег и еден куп возила што се движеа со мала брзина поради летните пневматици. Состојбата на патот не беше да се ставаат синџири но исто така далеку од поволна за возила со летни гуми. По проверката на подлогата со неколку нагли маневри и кочења добив јасна слика за состојбата на патот па почнав да ги поминувам „влечковците“. Подлогата прекриена со тенок слој на снег во ниту еден момент не ја доведе во искушение стабилноста, прецизноста во управувањето и преносот на силата на погонските тркала. Мене ми остана само да уживам во идиличните пејзажи накитени со снег.


Continental Winter Contact 850P нѝ овозможија без проблем да се справиме и со кашавиот, и со неразгазениот снег

И стигнав до ултимативниот тест. Нагорнина покриена со снег чиј нагиб во горниот дел е поголем од 15%! Во подножјето ја разгледав дилемата дали да се обидам да ја искачам или да одам пеш… Сепак се одлучив за возење и воопшто не се покајав. На мое огромно задоволство ја искачив проблематичната нагорнина без никаков проблем. По завршените домашни обврски единствена грижа ми беше спуштањето надолу по тој ист нагиб од 15-тина проценти. Грижите беа неоправдани, но претпазливоста никогаш не пречи. Полека и сигурно се спуштив до патот чија снежна прекривка ме следеше до Полог. Потоа повторно вода и маскирани бразди и дупки. И уште една пофалба за тивкоста на „850-ките“ на влажен и снежен коловоз.

Така, очекувајќи авантура на снег, го доживеав спротивното чувство. Наместо возбуда и неизвесност, зад управувачот се чувствував безбедно и супериорно во однос на возачите кои на возилата имаа летни обувки.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER