Единствениот отворен, индустриски управуван екосистем за автомобилски податоци во светот ќе ги поврзе Европа и Кина
За нешто повеќе од двесте дена, според новите правила на ЕУ батериите за електричните и плаг-ин возилата мора да имаат пасоши – без тоа нема да можат да се продаваат. Значењето на овој документ е што во него се содржани податоците за целиот синџир на нивното производство и јаглеродниот отпечаток кои мора да бидат лесно проверливи и да доаѓаат од доверливи извори. Токму тоа ќе го овозможи некомерцијалната организација Catena-X која во соработка со кинеската асоцијација на автомобилски производители CAAM и тамошната филијала на VDA го подготви ваков екосистем на автомобилски податоци кој ги поврзува Европа и Кина. За неговата оперативност ќе се грижи нивниот нов партнер Zhonglian а со работа ќе се започне на средината од ноември.
Зошто е ова важно? Кина произведува над 80% од батериските ќелии во светот, а повеќе од еден милион автомобили произведени таму лани беа пласирани во Европа каде од февруари идната година стапуваат на сила правилата за пасоши за нивните батерии. Затоа и прв приоритет ќе биде усогласеноста на кинеската регулативата со европската. Тукашните и тамошните производители веќе направија успешна размена на податоци кои Catena-X со својата стручност ќе ги верифицира. Оваа организација заедно со нејзините соработници ќе ја контролира вистинитоста на податоците и усогласеноста со стандардите. Во неа членуваат големи европски производители на возила и врвни добавувачи на делови, компоненти и технологии за нив како што се ADAC, AIAG, VDA, TÜV SÜD, Amazon, Huawei, Microsoft, Magna и други. Catena-X е основана во 2021 година, има свои центри во САД, Кина, Шпанија, Шведска и Франција, а повеќе од 300 поединци работат во 40-тина експертски групи за развој на идни стандарди.



