Моќ и слава
Според шефицата на GM, Мери Бара, автомобилскиот свет е на „пресвртница“.
Во ерата на електрификација на гамата, некогашната најголема автомобилска компанија во светот повторно во игра го враќа бензинот и тоа според вкусот на оние кои обожуваат изразено зачинети специјалитети. За таа цел мобилизиран е иконскиот Cadillac Escalade под чија масивна хауба се наоѓа 6,2-литарски V8 мотор.

Сè уште се молчи за техничките детали, но може слободно да се претпостави дека стимулиран од компресор ќе испорачува над 650 коњи кои ќе сe дистрибуираат преку сите тркала. GM е целосно посветен на електрификацијата во која најави вложувања во висина од 7 милијарди долари во следните седум години, но раководството е свесно дека имаат што да понудат за богатите зависници од бензин. Плановите се чисто од дефанзивна природа. Моќниот Escalade V е наменет само за американскиот пазар каде ќе ја одбива германската премиум инвазија предводена од Alpina XB7 и Mercedes-AMG GLS 63. Доколку се покаже како делотворна, оваа изведба сигурно ќе се понуди на останатите пазари каде Cadillac има добра репутација. Нарачките се отвораат од пролет кога ќе може да ce види реакцијата на пазарот. Купувачите ќе пресечат дали можеби треба да се одложи „пресвртната точка“ за уште некој период…



