Екстраваганција и кубизам
Рачното склопување на електричниот модел треба да му даде посебност
Cadillac по втор пат го претстави најскапиот свој модел во историјата. Првиот пат тоа беше по повод 120-годишнината од компанијата, кога Celestiq беше покажан само како ќе изгледа. Презентацијата сега беше малку потемелна и меѓу другото дознавме дека ќе чини преку 300 илјади долари. За таа сума зелени банкноти ќе се добие 5,5 метри долга лимузина во некоја од преку двестоте бои кои ќе бидат на располагање. Ќе биде задвижувана од два електромотора со вкупно 600 коњски сили кои ќе се распределуваат на сите четири тркала.
Забрзувањето до американските 96 километри на час ќе трае 3,8 секунди, а ако се вози пристојно батериите од 111 киловат-часа ќе траат 480 километри. Гордите сопственици на идниот знаменосец на General Motors ќе можат да ги полнат со максимални 200 киловати, трошејќи десетина минути за струја доволна за некои 130 километри. Производството ќе биде ограничено на само неколку стотина единици годишно, кои рачно ќе се склопуваат. Сето ова е смислено за наново да се изгради разнишаниот имиџ на Cadillac, што нималку не е евтино или едноставно.
Во тоа сигурно ќе помогне фантастичниот дизајн кој го издвојува од сé што досега сме виделе. Дотолку што се споменува дека ваквиот стил ќе стане заштитен знак на марката и ќе го гледаме кај сите нејзини идни модели. Тоа не може да се каже за внатрешноста во која гломазниот 55-инчен монитор се простира по целата широчина. Почетокот на производството е закажан за крајот на 2023-та година.


