Со својот ултра луксузен модел, што се изработува само по нарачка и спецификација на купувачите, Cadillac влегува во ново поглавје
Првиот Cadillac Celestiq му беше предаден на сопственикот на приватна церемонија.
Ултралуксузниот електричен седан изработен според индивидуалните спецификации на клиентот, беше предаден на дискретен настан во најсовремениот објект на компанијата во Мичиген.
Celestiq, според соопштението на Cadillac, претставува ново ниво на ултра луксуз и сега се приближува до британските марки во остварувањето на посебните барања и желби на купувачите.
За да го крене облогот на уште повисоко ниво, секој продаден примерок, а со него и сопственикот, ќе добијат услуга на персонализиран консиерж. Целосно електричниот Celestiq испорачува 655 коњски сили и 876 Nm вртежен момент, овозможувајќи спринт од нула до 100 км/ч за 3,9 секунди.
Со проценет од Cadillac опсег на батерија од 485 километри, треба да обезбеди рафинирано и удобно возење по споредни патишта и на автопат. Малопродажната цена зависи од желбите на секој клиент почнувајќи од 300.000 долари.
Е, сега доаѓаме до нов предизвик. Дали Cadillac, ма колку и да бил луксузен, ќе може да се справи со Rolls Royce и Bentley кои ја измислија играта наречена автомобил по желба, ќе покаже времето.
Да не ја спомнуваме и источната закана која нуди, можеби не луксуз по желба, но секако далеку поголема автономија и сила, и уште подалеку пониска цена.
Можеби високите тарифи за увоз на возила во САД ќе му дадат шанса на Celestiq.


