Минатиот месец Bugatti објави дека го направил последниот W16 автомобил, но…
Не помина долго време и францускиот суперпроизводител се демантираше – после последниот примерок на Mistral се појави и Destrier. Базиран е на Bolide но може да се регистрира за редовен сообраќај. Креиран е како дел од Solitaire програмата и го има истиот осумлитарски агрегат од својот донатор со 1.600 коњски сили.
Дизајнот и внатрешноста радикално се изменети и изгледа многу импресивно. Вистинско уметничко дело какво што само мајсторите од Молзајм можат да создадат. Агресивната монокок каросерија од јагленородни влакна висока само еден метар е изведена со меки и мускулести линии, без никакви исфрлени или остри елементи вклучително и аеродинамичките додатоци. Драматичноста дискретно е истакната со изборот на дијамантски сината Sapphire Celeste боја креирана посебно за овој автомобил. Маската во облик на потковица е поширока отколку кај Bolide а препознатливите Bugatti рол-барови на бочните страници се нагласени со полирани алуминиумски рамки.
Внатрешноста ја задржува геометријата на седиштата од Bolide, од каде се позајмени и тркачкиот управувач и електронската инструмент табла. Централната конзола благо е проширена, а отворите за вентилација имаат попрефинет изглед. Тркалата се заменети со 20-инчни напред и 21 назад. Купувачот е познат колекционер од Америка, засега неименуван. Цената ја знаат само тој и одговорните во Bugatti но сигурно е доста повисока од 4 милиони евра колку што чинеше Bolide од кој беа направени 40 примероци.




