Беше и останува лидер
Иако веќе не е знаменосец на марката, BMW X6 и понатаму останува лидер
Објавено на 3 јули 2019 година
Со појавувањето на поголемиот X7, BMW X6 мораше да му го препушти предводничкото место на врвот но сепак остана лидер на гамата на баварската марка. Доказ е и најновата трета генерација која од ноември ќе се најде во продажните салони на BMW, истовремено и во САД каде ќе се произведува и во другите региони. Прво што се забележува кај него се поголемите бубрези, повеќе налик на оние од X5 отколку од X7, кои му даваат поагресивен изглед отколку на претходникот. Кога ќе се тргне погледот од нив ќе се забележат потенките предни светла и новиот браник кој има поостри линии. Она што нема да се забележи е дека маската може да биде опремена со осветлување кое се вклучува кога ќе се отворат вратите. Погледот наназад ќе покаже малку изменета линија на покривот, како и сосема поинаков заден дел со големи отвори за воздух и светла кои потсетуваат на серијата 8.
Во поглед на големината, X6 порасна на 4.935 mm должина, 2.004 mm широчина и 1.696 mm височина, со меѓуоскино растојание од 2.975 mm. Тоа ќе обезбеди покомотно чувство на патниците при патувањата, за што значително ќе придонесе и стилскиот ентериер исполнет со мноштво техника. Амбиентот доста потсетува на X5, а практичноста е задржана со деливата задна клупа во сооднос 40:20:40 и багажникот со зафатнина меѓу 580 и 1.530 литри. Механизацијата ја сочинуваат четири погонски агрегати. Бензинците се со 6 и 8 цилиндри и 340 и 530 коњски сили, а дизелите со 6 цилиндри и 265 и 400 коњи. Менувачот е осумстепен автоматски, а за Американците послабиот бензински мотор ќе може да се добие со погон само на задната оска. Тркалата се од 19 до 22 инчи, а ако е опремен со пневматици за сите сезони брзината му е лимитирана на 210 километри на час. На љубителите на теренското возење ќе им помагаат опционалното воздушно ослонување, активните стабилизатори и електронскиот диференцијал. Цените во Германија ќе стартуваат од 75.500 евра, а во САД од 65.300 долари.
Да се потсетиме, BMW во 2008 година го започна купе-кросовер лудилото со првата генерација на X6. Оттогаш се појавија и други вакви модели, но овој теренец во очите на купувачите беше и останува лидер на субсегментот што го створи. Досега од него се продадени 443 илјади примероци.