Често слушаме дека автомобилите во Сингапур се многу скапи. па затоа кога налетавме на веста дека таму започнала продажбата на новиот BMW X2, решивме да провериме колку тој чини…
Според официјалниот ценовник на увозникот на германската марка малиот кросовер кој има 1,5 литарски трицилиндричен мотор со 122 коњски сили стартува од 253 илјади сингапурски долари, што е неверојатни 173 илјади евра. Слаба утеха е неговата богата опременост која очигледно купувачите таму ја ценат бидејќи BMW лани има продадено околу 3.400 возила, најевтиното за 140 илјади а најскапото за дури 650 илјади евра.
Причината за ваквите енормни цени е што градот-држава е пренаселен – зафаќа за 30 отсто поголема површина од Скопје а во него живеат 6 милиони луѓе. Затоа и бројот на автомобили е ограничен и за да се купи треба прво да се обезбеди право за поседување. Сертификатот за тоа кој важи години се купува на аукција а неговата цена постојано расте и сега се движи од 70 до 100 илјади евра во зависност од големината на возилото. Плус на тоа високи се и царината, даноците и другите давачки кои стартуваат од 130 проценти од увозната вредност на автомобилот.