Двете компании веќе подолго време работат на технологијата која користи водородни горивни ќелии, а сега ги здружуваат силите
Toyota и BMW веќе подолго време соработуваат за развој на водородни погонски единици, а двете компании сега ветуваат дека ќе спроведат нова генерација на технологијата FCEV (Fuell Cell Electric Vehicle) на патиштата.
Заедничката технологија на горивни ќелии на брендовите ќе овозможи користење на водородната енергија во комерцијални возила како и во патнички автомобили и ќе ги намали трошоците за развој на двете марки. И покрај споделената технологија, двете страни ветија дека ќе ги задржат „посебните брендови и карактеристики на нивните модели“.
BMW најави дека својот прв FCEV ќе го лансира на пазарот во 2028 година, по теркот на iX5 Hydrogen. Како и кај сегашните прототипови што служат за тестирање и понатамошно усовршување на технологијата, BMW ќе ги користи постоечките платформи, исто како што моментално го прави со некои од своите возила со батерии. Поради тоа нема индикации за тоа кои модели ќе бидат први што ќе ја понесат технологијата FCEV.
И двете големи компании не го кријат ентузијазмот околу успехот на своите идни модели што ќе ја користат оваа технологија. „Ова е пресвртница во автомобилската историја“, рече претседателот на управниот одбор на BMW AG, Оливер Ципсе нагласувајќи дека тоа ќе биде првото возило со погон на горивни ќелии од сериско производство што ќе биде понудено од глобален премиум производител.
Коџи Сато, од управниот одбор на Toyota Motor Corporation изјави: „Задоволни сме што соработката помеѓу BMW и Toyota влезе во нова фаза. Во нашата долга историја на партнерство, потврдивме дека BMW и Toyota ја делат истата страст за автомобилите и верување во технолошка отвореност. Врз основа на овие заеднички вредности, ќе ја продлабочиме нашата соработка со цел да се реализира општество на водород“.
Овој погон користи водородни горивни ќелии за да создаде електрична енергија, која потоа се користи за напојување на електричниот мотор на автомобилот. Всушност, тоа е електрично возило, но не се полни со струја туку со водород процес кој е прилично кус и трае слично време како полнењето на автомобилот со бензин или дизел. Како производ на „согорувањето“ е чиста вода во форма на пареа.
Досега Toyota, Honda и Hyundai на пазарот понудија автомобили со водородни горивни ќелии, но тие не ги исполнија комерцијалните очекувања на производителите. Најголемата причина за тоа е поради немање доволно инфраструктура за полнење на течен водород што е најголема пречка за омасовување на овој погон. Втората причина е дебатирањето за тоа дали водородот е најзеленото гориво за возилата. Слични проблеми и дебати беа актуелни пред две децении кога почна пробивањето на батериските електрични возила.


